Техничката влада остана без министер за труд и социјална политика предложен од опозицијата, кое е предвидено со Пржинскиот договор. Откако и до последен момент ВМРО-ДПМНЕ не предложи друг кандидат за технички министер по разрешувањето на Рашела Мизрахи контролата во ова министерство за време на изборите нема да ја врши опозицијата . Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ не образложи конкретно зошто не предложиле, туку обвини дека интенцијата на СДСМ е да ја оневозможи работата на министрите кои тие ги предложиле.
„Интенциите беа да на било кој начин се оневозможи работата на техничките министри и тоа продолжи до самото разрешување на министерката Рашела Мизрахи. Јасно е која е намерата, да се спречи функционирањето на техничките министри. Истите проблеми ги има и министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, кој што е инаку професионалец, не доаѓа на позиција како партиски истурен играч, така што бесполезно ќе беше предлагањето на било кој друг министер затоа што повторно ќе се случуваше истото кое што и се случуваше на министерката Рашела Мизрахи. “, рече Арсовски.
Од СДСМ велат дека на неколку пати било барано од ВМРО-ДПМНЕ да достави нов предлог, но тоа не го сторија.
„ВМРО ДПМНЕ имаа можност, повика и премиерот Оливер Спасовски секако на прес конференција ги повикавме и како партија да не користат како алиби дека еве сега не можат да воспостават контрола во министерството за труд и социјална политика. Им дадовме простор да го достават предлогот за министер за труд и социјална политика видовме дека тоа не го направија.“, изјави Костадинов.
Иако имаше најави дека со Министерството за труд и социјала ќе раководи дополнителната заменик министерка Санела Шкријељ, сепак законските можности тоа не го предвидуваат и се пропишува дека обврските може да ги преземе само заменик министерот, односно во овој случај тоа е актуелниот заменик Ѓонул Бајрактар.
