Телефонски разговор Ковачевски – Денков – уставните измени за две недели во Собрание, тврди Илхан Ќучук

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Димитар Ковачевски утринава имаше телефонски разговор со новиот бугарски колега Николај Денков во кој му го честиташе мандатот и му посака успешна соработка. Од владината прес служба информираат дека било разговарано за развивањето позитивна атмосфера меѓу двете земји.

„Во разговорот е изразено очекува од двете страни за добра меѓувладина соработка во интерес на граѓаните и на добрососедските односи. Разговарано е за важноста од промоција на позитивната реторика која што придонесува во меѓусебната доверба, како и од продолжување на динамиката во билатералната агенда и средбите меѓу министрите во владите“, вели Димитар Ковачевски.

Од бугарска страна пак информираат дека во разговорот Денков му порачал на Ковачевски дека новата влада очекува од Македонија да ги прифати измените на Уставот како што е договорено со европскиот компромис постигнат минатата година.

„Какви и да вложиме напори за позитивен развој на билатералните односи, тие ќе останат во втор план или нема да се реализираат доколку прашањето за вклучување на Бугарите во основниот закон на Северна Македонија не се реши соодветно. И во двете држави има сили кои не сакаат добрососедски односи и се обидуваат да поттикнат тензии. Бугарскиот кабинет ќе биде извор на смиреност но под услов да нема инциденти во Северна Македонија, а доколку тие се случат, државата веднаш да реагира“, велат од прес службата на Советот на министри на Бугарија.

Бугарскиот европратеник Илхан Ќучук пак, кој деновиве беше во македонскиот парламент, истакна дека бил информиран дека за две недели уставните измени ќе се најдат во Собранието. Воедно Ќучук деновиве побарал одложување на гласањето на извештајот за земјава во Европскиот парламент.

„Или оваа или идната недела конкретните предлози да бидат внесени од работната комисија во Владата и од Владата да влезат на разгледување во Собранието на Северна Македонија. Нели јасно разбираме дека ако треба Извештајот да се гласа во септември, два дена пред  или после тоа треба да се гласа текст поврзан за промена на Уставот токму во тој дел, тоа би значело дополнителни тензии и емоции. Јас не би го дозволил тоа како професионален политичар“, вели Илхан Ќучук.

И додека новиот бугарски премиер бара во Македонија да не се случуваат инциденти, во Бугарија пред самиот граничен премин со нашата земја се одржа протест при што беше блокиран влезот во соседната земја. Организатор е бугарското ВМРО на Красимир Каракачанов а поводот како што велат е една година од отфрлањето на ветото кон Македонија, при што тој бара отфрлање на планот на Макрон и Бугарија да наметне цврсто и јасно вето врз основа на договорот од 2017 година.