Власта и опозицијата во жестока и на моменти тензична расправија на седницата на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност, на која на иницијатива на СДСМ требаше да се расправа за тоа дали сертификатот на директорот на АНБ Бојан Христовски е фалсификат. Седницата не стигна ниту да го усвои дневниот ред бидејќи од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ беше побарано на дневен ред да се стави и нивното барање за посета на овие две безбедносни институции. Претседателот на Комисијата Скендер Реџепи Зејд рече дека не може тоа сега да биде ставено на дневен ред бидејќи ниту тој ниту заменикот претседател се уште немаат безбедносен сертификат.
–Дајте да работиме по Деловник и по закони. Ставете ги точките 1и 2 за посета на Агенцијата за разузнавање и на Агенцијата за национална безбедност. И сега вие да се вадите со некакви техникалии овде дека вие не можете да одите, сосема ирелевантно е. Комисијата има надлежност,не вие како поединец. Вие не сте тој кој што одлучува за мнозинството, вие само ја водите, ја усмерувате работата на Комисијата, ништо повеќе, согласно Деловникот, изјави Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Но, Зејд остана на ставот дека нема да ги стави на дневен ред овие точки се додека не добие безбедносен сертификат, по што ја прекина седницата.
-Јас пак ќе стојам на истото настојување дека јас нема да ги предложам овие точки, изјави Скендер Реџепи Зејд, претседател на комисија за надзор над АР и АНБ.
Членови: Ама не можете така.
Скендер Реџепи: Вам сега ви следува другиот дел, барајте промена на претседател. Тоа најмал проблем е тоа.
Членови: Вие сега мора да го дополните дневниот ред.
Скендер Реџепи: Не мора да го дополнувам затоа што не е согласно моите ингеренции и компетенции да ги имам и одговорноста за да можам да ја надгледам работата на другите агенции. Како јас ќе ги надгледувам работата на другите агенции ако не сум член на таа екипа која ќе биде таму.
Од СДСМ ваквото барање на пратениците од власта токму на оваа седница да бараат да се стават овие точки е доказ дека намерно ја блокираат седницата за да не се расправа за сертификатот на директорот на АНБ Христовски.
-ДПМНЕ потврди, Бојан Христовски е незаконски именуван за директор на Агенцијата за национална безбедност. Ова што денеска го видовме на седницата на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за разузнавање и на Агенцијата за национална безбедност е чист доказ дека бегаат од соочување со јавноста по ова прашање. Злоупотребувајќи го мнозинството тие денес спречија одржување на седница и расправа за прашања чии одговори ги чека целата јавност, изјави Славјанка Петровска од СДСМ.
Опозицијата изминатиот период постојано обвинува дека директорот на АНБ Бојан Христовски не ги исполнува условите да биде назначен на оваа функција бидејќи нема петгодишно искуство во оваа област, како и тоа дека неговиот ТОЕФЛ сертификат е фалсификат.
