Дел од членовите на ЛДП бараат оставка од претседателката на партијата Моника Зајкова. Таа одговори дека нејзиниот мандат трае уште две години. Според претставници на Иницијативниот одбор за промени, тие во намерата имаат поддршка и од поранешни лидери на ЛДП и обвинија дека со Зајкова не знаат дали се власт или опозиција. Прашана дали ќе влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, Зајкова одговори дека партискиот став е за самостоен настап, но не исклучува коалицирања во иднина.
„Раководството на партијата бесрамно и без одлука на Собрание се доближува до владејачката партија само заради задоволување на лични интереси на поединци од потесното раководство, така што општинските организации се збунети – дали ЛДП е опозиција или власт“, вели Бобан Бојковски.
„Секогаш мора да бидеме подготвени пред се за самостоен настап, а нормално доколку во одредени разговори и дискусии се процени дека треба да има одреден коалициски настап и каков ќе биде тој коалициски настап, ќе одлучат органите и телата на партијата, не раководството“, вели Моника Зајкова
Зајкова вели дека има закани и уцени, кои се од лица што штитат лични интереси. Без да посочи имиња таа кажа дека нападите доаѓаат од членови кои сега веќе ги загубиле државните привилегии. Зајкова им порача дека нема да попушти и нема да го смени ставот за Законот за банкарските провизии, онака како што била доследна во ставот за Законот за игри на среќа.
„Ако не се свика Конгрес, согласно нашиот статут, тогаш овие општински организации ќе одржат Конгрес“, вели Бобан Бојковски.
„Мнозинството присутни, може да ги прашате и нив, беа дури и платени за да присуствуваат таму, па дури има и членови коишто немаат допирна точка со ЛДП или барем јас и Извршниот одбор не ги препознаваме“, вели Моника Зајкова.
Зајкова додаде дека има транскрипти и докази за заканите и уцените кон неа, ко во иднина може да ги објави.
