Десетици припадници на косовската специјална полиција со џипови пристигнаа до зградите на локалната самоуправа во Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан, а Срби, вработени во тие општини, се собраа пред влезовите во зградите, пренесе Бета.
Во Звечан се слушнале истрели, а запленето е полициско возило, јавува РТС. Ситуацијата ескалирала по дискусија меѓу граѓани и припадници на косовската полиција во Звечан, а се слушале и пукотници.
– Во неколку наврати се фрлаа солзавец и шок-бомби. После тоа граѓаните побегнаа. Потоа повторно се обидоа да се вратат пред зградата на општината, а полицијата со пушки се движеше кон општината, се слушна шок бомба, пренесува Радио Контакт Плус.
Дописникот на РТС јави и дека било опожарено полициско возило.
Според Н1, припадници на косовската полиција влегле во зградата на општина Звечан, откако употребиле солзавец и шок бомби.
На приодот кон Митровица од правец на Приштина, нема видливо зголемено присуство на полиција.
Претседателот и врховен командант на вооружените сили на Србија, Александар Вучиќ, потпиша наредба за подигање на борбената готовност на единиците на српските вооружени сили на највисоко ниво и им нареди да се движат во правец кон границата со Косово.
Министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ изјави дека наредбата била издадена нешто пред 14 часот и оти Армијата започнала со активности од тој момент.
РТС пренесува дека десет лица се повредени во судирот на специјалните сили и граѓаните. Дописникот на РТС јавува дека ситуацијата е смирена, но во секој момент може одново да ескалира.
