Македонската музичка платформа Терапија ќе учествува на фестивалот „Експо мјузик“, кој ќе се одржи од 17 до 19 април во Тирана.
Од платформата информираат дека ќе бидат дел од тимот за поврзување на фестивалите со цел зајакнување на регионалната соработка, а ќе се претстават и во македонскиот павилјон заедно со други претставници од музичката и креативната индустрија.
„Терапија“ е формирана за време на пандемијата, кога музичката индустрија беше меѓу најпогодените сектори.
Преку перформанси, предавања, изложби и диџеј-сетови платформата го промовира македонското културно наследство на меѓународно ниво и работи на едукација на младите за значењето на културата и идентитетот.
„Преку перформанси, предавања, изложби и диџеј-сетови го промовираме културното наследство на Македонија на меѓународно ниво, истовремено едуцирајќи ги младите генерации за значењето на културата и идентитетот. Платформата ѝ даде нова вредност на електронската музика, создавајќи простор за развој на локалната и регионалната сцена. Особен фокус е ставен на значењето на ноќната економија и рестартирањето на ноќниот живот во Скопје, по периодот на стагнација по трагедијата во Кочани“, велат од „Терапија“.
