Во штипско-карбинскиот регион почна теренска имунизација на населението во руралните средини. Тимот на здравствени работници денеска планираат да вакцинираат околу 150 граѓани од селата Три Чешми, Судиќ, Врсаково и Сарчиево, но како што велат, секој кој ќе дојде нема да биде вратен, туку веднаш ќе се вакцинира.
Медицинската сестра, Антоанета Атансова вели дека само за еден час од отварањето на пунктот во Три Чешми се имунизрани со прва доза против коронавирусот околу 30 граѓани.
-Планирано е и да посетиме граѓани во нивните домови, кои не можат да дојдат до пунктот. Населението го вакцинираме со „Астра Зенека“ и „Синовак“, без проблеми тече имунизацијата, како што можете да видите, вели Атанасова.
МИА беше на пунктот во Три Чешми, граѓаните кои дојдоа да се вакцинираат се повозрасни, кои досега не се вакцинирале на вакционалниот пункт во Штип. Задоволни се што здравствените работници се во нивната приградска населба, за да ги имунизираат со цел да ги избегнат патните трошоци до Штип, но и гужвите кои пред неколку дена ги имаше пред регионалниот пункт во салата „Јордан Мијалков“.
Теренската вакцинација низ штипско-карбинскиот регион ќе се одвива во наредните десет дена, а населението се информира од страна на месните заедници, каде ќе биде локацијата на пунктот.
