Терористички напад во Виена – 4 убиени, 17 повредени, убиениот напаѓач со потекло од Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со ваква сцена се соочија вчера жителите од Виена.

Вооружени терористички напади имаше во шест дела на австрискиот главен град.

Четири лица се убиени, а 17 повредени.

Напаѓачите се уапсени. Еден од нив е убиен, а според австриските власти имал потекло од Северна Македонија.

Градот е затворен од полицијата, а улиците и баровите останаа празни по нападот.

Наутро последниците беа видливи. Насекаде полицајци. Граѓаните велат дека, по Берлин и Париз, ваков напад беше очекуван.

„Лудило е. Такво нешто се очекуваше и во Виена. Голем град. По Берлин и Париз, беше прашање на време“, посочи Жозеф Неубауер.

„Фала на Господ, бев дома кога се случи. Но брзо дознав преку интернет и Фејсбук. Тоа што се случи е страшно, но мислам дека беше очекувано по тоа што се случи во другите држави последните години“, додаде Надина.

Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, рече дека е потврдено дека станува збор за исламски терористички напад направен од омразата кон, како што рече, основните австриски вредности, кон начинот на нивното живеење и омразата кон демократијата.

„Сите мора да бидеме свесни дека ова не е спор меѓу христијаните и муслиманите или меѓу Австријците и мигрантите. Не, тоа е борба меѓу многу луѓе кои веруваат во мир и оние малкумина кои сакаат војна. Тоа е борба меѓу цивилизацијата и варварство, и ние ќе се бориме во оваа борба со сета своја решителност“, додава Себастијан Курц.

Министерот за внатрешни работи, Карл Нахамер, истакна дека теророт и насилството немаат место во австриската заедница и дека нема да дозволат ваквите напади да ги загрозат законите и слободите. Уверуваше дека терористичкиот напад наскоро ќе се расветли.

„Ќе има последици. Еден од напаѓачите имаше лажен експлозивен појас и оружје. Напаѓачот беше поддржувач на терористичката организација ИСИС. Истрагата продолжува и јас не можам да дадам повеќе детали за да не се загрози истрагата“, истакна Карл Нахамер.

Повика граѓаните да останат дома. Остри реакции за овој напад пристигнаа од сите страни, од државните врвови и другите, кои го осудија нападот.