-Теророт нема ниту вера, ниту нација! Ако исламот се етикетира со него, тогаш тоа е голема грешка, бидејќи со доаѓањето на исламот, дојде и милоста за целото човештво. Оној кој сака да шири терор преку исламот, тој воопшто не го познава исламот!.
Ова е пораката на Усам Алими, имам во Албанскиот културен центар во Виена.
Вели дека не го познавал напаѓачот од Тетово кој беше убиен синоќа, но објаснува дека луѓето кои имаат радикални верски убедувања, не посетуваат ниту една од петте џамии каде се предава на албански.
-Значи, поголемиот дел од нив одат во други џамии. Во нашите џамии, но и во другите џамии во албанската муслиманска заедница тука во Австрија, не доаѓаат-вели Алими.
Центри или џамии со религиозен екстремизам не недостасуваат во Виена, тврди тој, додавајќи дека радикализацијата може да се шири и преку интернетот.
-Тоа се информации до кои може да дојде секој, и преку интернет, и преку физичко присуство во разни културно-верски центри. Не можам да прецизирам за кој центар станува збор. Има толку многу центри и џамии во Виена што можеби и самите австриски власти тешко можат да ги разликуваат-изјави Алими.
Имамот Алими, кој е потпретседател на Албанскиот муслимански комитет при Исламската заедница во Австрија, вели дека екстремизмот, како верскиот, така и политичкиот, настанува поради недоволното знаење на одредено лице.
