Пациентите чекаат и по три месеци за да дојдат до слободен термин за мамографија. Пандемијата со коронавирус направи вистински „хаос“ кога станува збор за термини за закажување прегледи, вклучувајќи ги и оние кои боледуваат од рак на дојка. Поради тоа, пациентките се принудени да одат во приватните клиники и за услугите да плаќаат поскапо, вели Биба Додева, претседателка на Здружението за борба против рак „Борка“.
Од друга страна, првата дама, Елизабета Ѓоргиевска Пендаровска ги повикува сите жени и пациенти со малигни болести да се вакцинираат против Ковид-19.
Националниот месец за свесност за рак на дојка се одбележа во „Рамстор Мол“ во Скопје.
И канцерот е епидемија, затоа треба да се зголеми раното откривање, со цел да се намали смртноста, велат од здружението „Борка“. Додева истакнува дека има намалување на бројот на дијагностицирани, но тоа е само фиктивно, што значи дека жените во пандемија помалку посетувале лекар.
