Општина Тетово на 31 мај објави тендер за фирми кои третираат кучиња скитници. Според документацијата што ја објави општина Тетово, компанијата ќе треба да ги собира и третира кучињата.
Во Тетово од јули 2021 година никој не ги третира кучињата скитници. Градоначалникот на Тетово пред неколку дена на прашањето зошто нема ништо конкретно на терен одговори:
-Не можеме да заклучиме дека не се преземени чекори, процедурите се такви. Без никаква процедура не можам да постапам како претходната градоначалничка. За да ја завршам работата, а потоа да се изберат операторите, морам да ги почитувам законските процедури, иако во овој случај тие се одолговлекуваат-вели Касами.
Но, какви се процедурите според Касами?
-Во комуникација сме со компанијата со која усно се договоривме ова да се реализира како проект. Ги усогласуваме формално-правните процедури кои треба да ги спроведеме и ние. Но, ќе треба да се отвори тендер за да се пријави компанијата или здружението и кога ќе заврши, ќе продолжи реализацијата-вели Касами.
Новинар: Дали ова значи дека сте ги договарале тендерите, откако ..?
-Не, ние однапред разговараме бидејќи тоа е здружение кое даде подобра понуда за реализација на овој проект. Затоа зборуваме за формални тендерски процедури каде што ќе може да аплицира секоја компанија и здружение. Значи, не презедовме претходна акција што ќе создаде нелојална конкуренција-изјави градоначалникот на Тетово.
Но, што рече градоначалникот на 30 април!? Тогаш кога пропадна проектот за изградба на прифатилиште за кучињата скитници во Брвеница.
-Општина Тетово веќе има план Б кој го реализираме. Ова се последните консултации за формата на спроведување на постапката за згрижување на кучињата скитници преку здружението „Амос“, со кои од претходно имаме постигнато договор. Сега ги разгледуваме правните форми како ќе се склучи договорот-рече Касами.
Кој ќе ги третира кучињата скитници во Тетово се очекува да се види на крајот на јуни кога ќе треба да завршат тендерските постапки.
