Тетово: 7 починати, 111 хоспитализирани – над 2 илјади граѓани се вакцинираат дневно

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Тетово ситуацијата и натаму е критична со бројот на заразени. Само во текот на вчерашниот ден хоспитализирани се нови 15 пациенти со Ковид 19 со што вкупниот број се искачи на 111 пациенти кои се на кислородна терапија во тетово, а 7 пациенти ја изгубиле битката со вирусот. Во последните 24 часа лекарска помош побарале 192 пациенти со што само во последните 24 часа во Тетово се третирани 303 пациенти на 5 медицински оддели.

Од друга страна бројот на граѓани кои се вакцинираат е значително зголемен. Последнава недела во Тетово, дневно се вакцинираат над 2 илјади граѓани. Лекарот Бесник Мустафаи вели дека во Тетовоги има сите видови вакцини, а тие кои имаат симптоми најпрво  треба да се консултираат со матичен лекар.

„Последнава недела има голем интерес за вакцинација, над 2000   граѓани дневно. Имаме над 2000 до 2500 пациенти секој ден во Тетово и вакцинацијата се одвива на два пункта во Тетово, во салата на медицинското училиште и во здравствениот дом во Тетово. Граѓаните кои се двоумат дали треба да се вакцинираат бидејќи се со грип или други симптоми најпрво треба да се консултираат со матичен лекар“, посочи Бесник Мустафаи.

Во Тетовската болница, три недели по ред немаше ниту еден хоспитализиран пациент. Доаѓањето на печалбарите, свадбите беа причина за брзо ширење на вирусот, а за три недели Тетово се претвори во жариште на заразата. Во Тетово во моментов има над 1.100 активни случаи а се смета дека бројот е повисок бидејќи лекарите велат дека граѓаните се пријавуваат во болница само кога ќе им се влоши состојбата.