Во Тетово моментално нема активни пожари, иако во последните шест месеци имало над 500 пожари, најчесто на отворен простор. Ова го потврдува командантот на противпожарната единица во Тетово, Авни Ахмети, кој вели дека најголемиот дел од пожарите се резултат на невнимание на граѓаните при палење на нивите.
„Во Полошко, односно во подрачјето што го покрива нашата единица, немаме активни пожари. Имавме многу интервенции. Овие денови е познато дека несовесни граѓани палат оган и мора брзо да се интервенира. Досега, од почетокот на годинава, имаме над 500 интервенции, што е огромен пораст со кој тетовските пожарникари мораа да се справат.“, рече Ахмети.

Вчера од слобода беше лишен 74-годишен маж кој палел трева на својата нива, во близина на бензинска пумпа во Тетово.
„Вчера, околу 20 часот, службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово го лишиле од слобода 74-годишниот С.С. од Речица Мала, кој за време на извршување земјоделски работи на својата нива, на улицата ‘Илинден’, во близина на бензинска пумпа, собрал грмушки и им подметнал оган.“, изјави Фатмир Реџепи, портпарол на СВР Тетово.

Од СВР Тетово и противпожарната единица апелираат до граѓаните да бидат внимателни при палење оган и со фрлање на догорчиња од цигари.
