Тетово без вода, Касами чека да се подобри времето – комуналното претпријатие нема капацитет да интервенира

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Прашањето со водата за пиење во Тетово и понатаму останува нерешен проблем за општината. Градоначалникот, Билал Касами вели дека додека не се подобри времето не може да се интервенира на местото каде се појавил дефектот. Вели дека Општинското претпријатие нема капацитет да интервенира, затоа чекаат помош од надворешни фирми.

„Самото претпријатие беше горе, не можеше да интервенира, временските услови веќе се проблематични и не може да се пристапи до местото на дефектот поради снегот. Последните два дена имав состанок со 2 компании кои се бават со санирање на вакви дефекти и повторно ќе се интервенира во моментот кога ќе се создадат временски услови за да имаме вода за пиење, но исто така ние ќе одиме и со долгорочно решение кое ќе излезе по ревидирање на проблемот“, посочи Биљал Касами.

Иако пред неколку недели Касами истакнаа дека наредил санирање на бунарите, во моментов само 2 се во функција.

„Моментално имаме само 2 од 6 бунари во функција во Тетово, кај кои ниту е интервенирано, ниту се функционални. Потребна е интервенција почнувајќи од пумпите па се до електронскиот систем за да се стават во функција. Во процес е подготовката на документацијата бидејќи станува збор за тендерска постапка за набавување на пумпи кои моментално не се во функција. Треба да се обезбедат нови пумпи за бунарите да се стават во функција и верувам дека врз основа на тендерската постапка и одредените постапки и тие ќе бидат ставени во функција“, додава Биљал Касами.

Од почетокот на зимата, повеќе од четири пати водоводната мрежа на Лешница беше оштетена, а поради тоа жителите на Тетово и околината неколку дена останаа без вода за пиење. Градоначалникот изјави дека формирана е Комисија за оценување на квалитетот на завршените работи во овие водоводни мрежи кои тетовци ги чинеа милиони евра.