Тетово домаќин на Унијата на албански општини – Тотај: Не знаеме што се работи на патот Тетово-Призрен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градоначалници од Македонија, Косово, Албанија, Црна Гора, Прешево, како и арбереши од Италија, денес беа во Тетово на состанокот на Унијата на албанските општини од регионот. Домаќинот на овој состанок, градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, го претстави центарот за иновации за млади.

-Денес ќе промовираме уште еден проект во Тетово, заедно со Унијата на албанските општини, кој се однесува на центарот за иновации за младите, каде што според моделот на Тирана, и во Тетово, во рамки на центарот за култура и млади, ќе имаме ваков центар каде нашите млади ќе можат да се оспособат за пазарот на труд и предизвиците што ги очекуваат во однос на иновациите, изјави Билал Касами, градоначалник на општина Тетово.

Потпретседателот на Унијата на албанските општини, воедно и градоначалник на општина Призрен, Шаќир Тотај, изјави дека оваа унија повеќе реализира културни проекти и врши промоција на туризмот.

-Во рамки на Унијата на албанските општини се реализирани неколку проекти кои повеќе се однесуваат на културниот аспект, развојот на нашата традиција и културните вредности, како и нивна промоција за претставување на нашиот народ и култура, со цел да дадеме придонес во развојот на туризмот, бидејќи знаеме дека туризмот е многу важна компонента и во економски аспект, изјави Шаќир Тотај, градоначалник на општина Тетово.

Запрашан за патот Призрен – Тетово, Тотај изјави дека таму се работи, но дека Владата на Косово не е транспарентна и дека немаат доволно информации.

-Овој пат не може да се изгради без соработка меѓу двете влади! Не знам колку има соработка, не знам колку има потпишани договори. Во Косово има работи кои се реализираат. Се соочуваме со недостаток на транспарентност и со недостиг на точни информации за тоа што се работи, во која насока се работи и многу други информации кои треба да бидат јавни, а ние ги немаме. Но, како проект, самата идеја секако треба да се поздрави и да веруваме дека ќе се реализира, изјави Шаќир Тотај, градоначалник на општина Тетово.

Унијата на албанските општини во регионот е основана во 2019 година. Целта е да создаде платформа за соработка што ќе им овозможи на општините членки да ја интензивираат размената на искуства и експертиза во областа на урбанизмот, иновациите, животната средина, културата и новите форми на финансирање.