Политичките партии во Тетово ги мерат силите – кој ќе обезбеди мнозинство во Советот на општината. Градоначалникот Биљал Касами, по гласањето рече дека очекува граѓаните да изгласаат совет кој ќе усвојува проекти и програми за општото добро на Тетово.
„Претставник кој ќе биде нивниот глас за реализација на развојни проекти за Тетово. За Тетово кое сите го сакаме, за Тетово кое ќе создава можности за сите свои граѓани, без оглед на етничката, верската и политичката припадност и ние се залагаме за тоа“, вели Биљал Касами.
Носителот на советничката листа на Движењето Беса, рече дека овие избори се многу важни за Тетово.
„Советот на општината е посебен и важен орган за општина Тетово затоа што сите проблеми што ги има градот се решаваат преку советот“, порача Бесар Дурмиши.
За Фатон Ахмети од ДУИ, денеска е празничен ден.
„Со својот глас имаат можност да изберат свои претставници во Општинскиот совет, претставници кои ќе бидат во служба на граѓаните за подобрување на животот на граѓаните, да осмислуваат, креираат и буџетираат проекти чија цел ќе биде подобар живот за сите граѓани на Тетово“, вели Фатон Амети.
Денешните избори, носителот на листата за советници на ДПА, ги гледа како резултат на неспособноста на актуелниот градоначалник, Касами.
„Се надеваме дека граѓаните ќе ја направат промената и ќе гласаат за нас. Поради сегашниот градоначалник ги имаме овие предвремени избори и нема да толерираме да се повтори истото. Исто така, ќе бидеме гласот на граѓаните во Советот на Тетово, каде што ќе бидеме и корективен орган на градоначалникот на општина Тетово“, порача Висар Палоши.
Од Алијанса за Албанците пак, велат дека денеска е денот кога се одлучува за иднината на Тетово и младите.
„Денеска е убав ден за општина Тетово и не само за неа. Посакувам овој ден да помине во демократски и мирен дух“, додаде Абдула Османи.
Елмедина Абдулахи од Иницијативата „Подобро за Тетово“ истакна дека е важно денеска граѓаните да гласаат по свое лично убедување.
„Многу е важно тие да одлучат за начинот на кој ќе функционира Советот и општината во наредните години. Нивниот глас е многу важен, но исто така е многу важно нивниот глас да се заснова на нивната сопствена волја и убедување“, вели Елмедина Абдулахи.
Од Алтернатива велат дека денеска е ден за казнување на погрешните политики кои се спроведени досега.
„Слободно да го искажат своето мислење за новиот состав на Советот на општина Тетово и воедно да ги осудат погрешните политики кои се водеа за нашето Тетово. Има можност и со својот глас да дадат нови насоки за нови политики, да дадат нови алтернативи за Тетово, за доброто на сите граѓани“, вели Фатон Селами.
Во општина Тетово се гласаше за членови на Советот, а право на глас имаа 84.072 граѓани.
