Тетово и Кичево со 200.000 евра за патни трошоци, општините негираат: Тоа се средства добиени од „Еразмус плус“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Општините Тетово и Кичево потрошиле најмногу пари за дневници и патни трошоци во текот на 2022 година, покажуваат податоците што ги објави Институт за демократија и економски анализи – ИДЕА. Тетово е прва општина на листата со 211.031 евро, а по неа се најде и Кичево со 208.450 евра. Овие бројки предизвикаа низа реакции од општинските советници.

-Недозволиво е парите на граѓаните да се трошат како што им одговара и каде што им одговара на раководителите на општината. Тие не се таму за да водат дневна политика, туку за да менаџираат со нашите пари, не за прошетки и храна, туку за капитални работи“, вели Елмедина Абдулаху од НВО „Подобро за Тетово“.

-Ова не се наши заклучоци, туку статистички податоци објавени од Институтот за анализи – ИДЕА, со официјални податоци објавени од Министерството за финансии. Овие информации ги потврдуваат измамите и намерите на Биљал Касами, кој ја користи Општина Тетово за партиски и лични цели. Јавно го прашуваме градоначалникот на општина Тетово – на што трошел 800 евра дневно цела 2022 година? Како да не е доволно ова, општина Тетово пред неколку месеци беше прогласена и за една од општините со најниска транспарентност во државата, што дава сериозни индиции за корупција и вакви злоупотреби“, рече Ветон Мурати, советник од редовите на ДУИ.

Претседателот на Советот на општина Тетово, Бесар Дурмиши, демантира. Вели дека во 2022 година општината потрошила 11.209 евра и дека останатите средства се потрошени од основните и средните училишта во рамките на проектот „Еразмус“.

-Трошоците на Општина Тетово, односно патувањата на градоначалникот, Советот на општината и администрацијата за 2022 година изнесуваат 11.209 евра, предвидени во буџетот на општината во 2022 година. Сумата што ја објави Институтот се однесува на проектите добиени од ЕУ од програмата „Еразмус“ од средните и основните училишта. Го повикуваме Институт да ја отстрани веста и да побара јавно извинување, во спротивно ќе се соочи со тужба“, изјави Дурмиши.

И градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари ја демантира објавената анализа на ИДЕА. Вели дека во 2022 година за службени патувања се потрошени само 683 евра.

-Податоците се точни имајќи го предвид буџетот на општина Кичево, но трошоците не се на општината, туку се проекти од „Еразмус плус“. Нашите училишта успеаја да освојат проекти од 200 илјади евра и реализираа различни активности со сестринските училишта во Европската унија. Општина Кичево од буџетот во 2022 година потрошила 683 евра или 44 илјади денари за една година, што и еден човек може да потроши толку годишно за патување-вели Дехари.

Според објавените податоци, општините Струга и Дебар потрошиле по 50.000 евра. Сарај 46.688, а Чаир 36.000 евра. Единствената општина која нема потрошено ништо е Арачиново со 0 евра. Од Институтот за демократија и економски анализи – ИДЕА појаснуваат дека немаат направено детално толкување или анализа на трошоците, односно само ги сумирале податоците на Министерството за финансии, така како што се претставени на платформата „Приказ на општините“.