Во текот на 2020 година во Полошкиот регион во сообраќајни несреќи животот го загубиле 10 луѓе. Оваа бројка е помала во споредба со минатата година, кога биле регистрирани 14 жртви. Портпаролот на СВР-Тетово, Фатмир Реџепи, вели дека граѓаните треба повеќе да ги почитуваат сообраќајните правила.
„Секторот за внатрешни работи регистрираше 10 жртви во регионот кој го покрива. Во 2019 година, пак, СВР регистрираше 14 жртви од сообраќајни несреќи. Ги повикуваме жителите на Тетово и Гостивар да ги почитуваат сообраќајните прописи кога се движат по регионални или магистрални патишта. Како пешаци да се движат во спротивна насока од возилата, со цел да имаат прегледност во однос на возилата кои се движат во нивниот правец“, истакна Фатмир Реџепи.
На ниво на цела Македонија како последица од сообраќајки починале над 160 луѓе, од кои 11% од Полошкиот регион. Сообраќајниот инженер, Блерим Неими, вели дека недостигот на осветлување на влез и излез од населените места, недостигот на сигнализацијата и сообраќајните знаци, се главните причинители кои доведуваат до сообраќајки во Полог.
„Состојбата на патиштата не е на потребното ниво во тетовскиот регион и периферијата. Потребна е подобра инфраструктура во однос на насоките на возилата. Пешаците кога ја преминуваат улицата доаѓа до сообраќајна несреќа. Решението е да се постават знаци, што е голем недостиг на улиците во Полог, потоа поставување осветлување на влез и излез од селата или населените места, како и поставување на соодветна сигнализација“, посочи Блерим Неими.
Како најопасен регион се спомнува регионалниот пат Тетово – Јажинце каде годишно има 70-80 сообраќајни несреќи.
„70-80 е просечниот број на сообраќајки годишно и тоа е како последица на голема фреквентност на патот и конечно треба да се најде решение или нова опција за патот. Недостигот на неколку сообраќајни знаци, немањето култура при возењето, надминувањето на дозволената брзина, слабата видливост на овој пат се причините поради кои овој пат е прогласен за патот со најмногу сообраќајни несреќи“, додава Блерим Наими.
Минатата недела во овој регион кој го покрива СВР-Тетово, животот го загубиле две лица како последица на сообраќајни несреќи. Во светски рамки, според податоците на СЗО, годишно во сообраќајки животот го губат околу 1.3 милиони луѓе, што преставува 2.2% од глобалната смртност.
Овие податоци покажуваат дека над 3 500 лица дневно го губат животот како резултат на сообраќајките, а околу 140 000 лица се здобиваат со повреди. Од нив, 15 илјади остануваат со траен инвалидитет.
