Тетово неподготвено за системот „Safe city“?! – На улиците недостига соoбраќајна сигнализација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На улиците и булеварите во Тетово сè уште нема предупредувачки знаци за радари и камери за мерење на брзината, кои се предуслов за функционирање на камерите и за казнување на возачите. Често, дури и вертикалната сигнализација е надвор од функција.

Од Општина Тетово информираат дека тендерот за набавка на хоризонтална и вертикална сигнализација е завршен и избрана е компанија, а за оваа намена од општинскиот буџет се издвоени 250 илјади евра.

„Избрана е компанијата и сега сме во фаза на жалби и верувам дека од почетокот на наредниот месец ќе започне реализацијата, односно поставувањето на знаците, вклучувајќи и сообраќајни знаци за мерење на брзината кои ќе кореспондираат со системот ‘Safe City’, кој се очекува да биде изгласан и да стапи во сила на 1 февруари. Ќе има и предупредувачки знаци дека има камери, а паралелно ќе бидат поставени и нови семафори, додека дел од оваа јавна набавка се и реновирањата на постојните семафори“, порача Алби Ќамили.

Сообраќајните експерти истакнуваат дека покрај поставувањето знаци пред камерите, неопходно е да се постават и по нив, нешто што во моментов го нема. Без соодветна сигнализација, казнувањето на возачите нема да биде легитимно.

„Секако дека ова се предуслови и сметам дека надлежните се свесни дека овие вертикални знаци што предупредуваат за присуство на камери треба да бидат поставени со јасни ограничувања. Надлежните сигурно го знаат тоа и ова треба да го има предвид секторот за сообраќај на Општина Тетово, кој треба да предупредува дека во близина има камери што го контролираат сообраќајот.“, вели Сулејман Рахими.

На булеварот „Илинден“ речиси и да нема знаци што ја покажуваат максимално дозволената брзина, а истите недостигаат и долж булеварот „Видое Смилевски – Бато“. Ова создава конфузија кај возачите, особено во близина на училишта, верски објекти и институции, каде што треба да има знаци за намалување на брзината на 30 километри на час.