Јавното претпријатие „Градски паркинг“ годинава оствари профит, но пајак возилата се уште се даваат под концесија. Претседателот на Советот на општината Бесар Дурмиши вели дека оваа компанија во 2022 година остварила добивка од 4 милиони денари.
„Го имаме и финансискиот извештај на Градски паркинг, а таму треба да напоменат дека имаме добивка од 4 милиони денари“.
Но, според него, со овие средства ќе се враќа долгот кон Управата за јавни приходи.
„Јавното претпријатие, Градски паркинг, првично беше поддржано од општина Тетово, односно од советот на општина Тетово, а сега ќе се одлучува дали ќе го врати долгот кон општината или ќе ги плати обврските што ги има кон Управата за јавни приходи кои се акумулираат со години. Излегува со позитивно салдо, но прво има долгови па потоа и тоа ќе го поправиме“.
Во Тетово ако пајак ви ја крене колата ќе платите 1800 денари. Од оваа сума, 1400 денари зема приватната компанија и само 400 денари одат на сметката на ЈП „Градски паркинг“.
Само во 2021 година кога не беше приватизирана пајак службата, општина Тетово со едно возило успеа да крене 1595 автомобили. Додека во 2022 година 4432 автомобили велат податоците од Секторот за внатрешни работи Тетово.
Ако се направи пресметка дека возилото на општината работело исто како во 2021 година, тоа значи дека во 2022 година приватните возила за само шест месеци отстраниле 2837 автомобили од сообраќај. Врз основа на договорот тие имаат заработка од околу 4 милиони денари или околу 65 илјади евра. Според ова, во општината отишле 1 милион 134 илјади денари или околу 18 илјади 500 евра.
Компанијата „Бес Авто Транспорт“ врз основа на јавна набавка го склучила договорот со градски паркинг на 26.05.2022 година, додека според податоците на централниот регистар ова претпријатие е основано само два месеци претходно.
