Тетово, повредено девојче на индустрискиот пат – општината ветува кружни текови, но на пролет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

15 годишната С.А. од Тетово денеска беше новата жртва на индустрискиот пат, но за среќа помина само со телесни повреди. Според СВР Тетово, несреќата ја предизвикала 22 годишна девојка од Скопје.

„Во 13.15 часот во СВР-Тетово е пријавено дека на улицата “Видое Смилевски-Бато“, во близина на основното училиште во Тетово, автомобил “Голф5“ со регистерски таблички од Скопје, управувано од 22 годишната А.А. удрило пешак. Во незгодата, малолетното девојче се здобило со телесни повреди констатирани во Клиничката болница во Тетово“.

Пред неколку години, на оваа улица минуваа многу пешаци, беше постаен семафор, но како што изгледа, тоа не е решение. Поради честите несреќи, токму за оваа улица, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами минатата недела рече дека треба да се изградат два кружни тека како најдобро можно решение за намалување на брзината.

„Верувам дека со овие два кружни текови видно ќе се намали опасноста во тој дел од булеварот. И овде станува збор за неколку процедури, првично урбанистичко решение и сообраќајно решение. Првичното решение не беше соодветно и не доби согласност од МВР и повторно е вратено на разгледување“, порача Биљал Касами.

Касами вели дека до пролет ќе може да се изгради барем еден од овие кружни текови, а потоа и другиот.

„Верувам дека со подобрување на условите ќе може да се реализира еден од кружните текови барем во пролет и после тоа и другиот зависно од процедурите на планирање и тендер на проектот“, вели Биљал Касами.

Скоро секоја година во индустрискиот пат имаше сообраќајни несреќи со фатални последици. Над 300 ученици на ОУ Кирил и Методиј доаѓаат од населбата Вон Вардарска и се обврзани најмалку 2 пати на ден да поминуваат по оваа улица, кога одат и се враќаат од училиште. Пред 3 години, за зголемување на безбедноста во индустриска улица протестираа жителите на овој дел од градот.