Тетово уште два , три дена ќе има недостиг од вода. Ова го изјави градоначалникот Биљал Касами според кого водоводот во Тетово има 8 критични точки како последица на лошата изведба на проектот.
„Проектот за носење вода е скандалозен. Пред еден месец добив информација од претпријатието дека има 8 критични точки. Местата каде што е поврзана цевката во секој момент можат да пукнат. Едно од нив го саниравме пред еден месец а за другите немавме можност поради временските услови. Една од тие 8 критични точки пукна и работниците од претпријатието се на терен и верувам дека многу брзо за два, три дена ова прашање ќе се реши“, истакна Биљал Касами.
Лошо е тоа што и бунарите во градот не се во функција поради дефект на пумпите. За тоа Касами вели дека дал наредба да се реши.
„Јас гарантирам дека барем следната зима тие точки ќе се идентификуваат и да немаме такви проблеми. Знаеме дека Тетово имаше и бунари за во вакви ситуации и за жал и тие бунари не се употребливи бидејќи пумпите се сервисираат и во ваква ситуација се наоѓаме и без алтернативно решение“, посочи Касами.
Решавањето на прашањето со водоводот беше едно од главните ветувања на Касами во предизборната кампања. Инаку веќе една недела тетовци имаат проблем со водата.
