Печалбарите се уште не пристигнале во своето родно место, каде што го поминуваат секое лето. Иако вообичаените летни денови во овој град, со преполни улици и гужви се уште не почнале, сепак градот е преполн со отпад.
На вработените во ЈКП „Тетово“ и натаму им доцнат платите. Покажаа дека не земале плата веќе 3 месеци, но според градоначалникот виновни се граѓаните кои фрлаат ѓубре насекаде. Биљал Касами на седницата на Советот рече дека сега се поставени камери и дека општинскиот инспекторат ќе ги санкционира неодговорните граѓани.
„Другиот проблем е поврзан со културата на граѓаните да фрлаат ѓубре насекаде и во тој дел работиме на изнаоѓање решение. Би сакал да ги информирам граѓаните дека на некои критични точки веќе се поставени камери кои ќе ги снимаат злоупотребите од несовесните граѓани. Информациите што ги имам, општинскиот инспекторат за екологија веќе ги испитува тие камери и ги известуваме граѓаните дека ќе има казни и тужби против оние несовесни граѓани кои фрлаат ѓубре каде што не е местото“, вели Биљал Касами.
Претседателот на Советот на општината Бесар Дуримиши ја обвинува централната власт, односно дека им е блокирана сметката поради неисплата на плати, додавајќи дека се додека сметката е блокирана, нема да има плати за вработените во Јавното претпријатие.
„ Факт е дека Управата за јавни приходи ги блокираше сметките на ЈПК „Тетово“. Долгот не е долг што сме го создале туку сме го наследиле и се соочуваме со разни блокади од централните институции“, порача Бесар Дурмиши.
Новинар: Вработените немаат плата и прашање беше кога ќе земаат плата?
– Напоменав дека претпријатието има блокирана сметка.
Новинар: Дали тоа значи дека ќе останат без плати?
– Да.
Во ноември минатата година, Општина Тетово додели 25 милиони денари на ЈКП „Тетово“ за покривање платите на ангажираните работници со договор на дело. Иако тогаш се зборуваше дека со овие средства ќе се исплатат и платите до крајот на годината и потоа ќе се стабилизира состојбата, вработените на претпријатието, во моментов три месеци се без плата.
