Тетовската гимназија без струја – градоначалникот и директорката со меѓусебни обвинувања

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ од вчера е без струја. Директорката на гимназијата Теута Лала вели дека струјата не ја платиле затоа што општина Тетово нема издадено блок дотации. Поради тоа училиштето е во долгови од околу 9 милиони денари и се активирани многу извршители за неплаќање долгови.

„Точно е дека вчера во утринските часови во гимназијата беше исклучена струјата, тоа се случи како резултат на немање блок дотации и во неможност за плаќање, исклучена е струјата. Но, проблемот со струјата не е единствен во тетовската гимназија. Во текот на овој шестмесечен период пристигнаа писма од разни извршители, разни оператори кои со право бараат да бидат платени и преку извршување да ги добијат средствата. Во декември ја затворивме сметката со 0 денари долг, а сега долгот достигнува 8 милиони и 800 илјади денари“, вели Теута Лала.

Од друга страна, градоначалникот на Тетово Биљал Касами вели дека не може да и пушта средства на директорка која според Касами има кривична пријава за финансиска злоупотреба.

„Сум кажал и претходно и повторувам, не пуштам финансиски средства на институција која ја води директор кој има кривична тужба за злоупотреба на средства, нешто што го  констатирала ревизијата која утврдила сериозни повреди на користењето на средства од блок дотациите“, посочи Биљал Касами.

Министерството за образование пред неколку дена ги презеде ингеренциите за гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ од општина Тетово поради нераспределба на блок дотациите. Касами ова го нарече политичка одмазда. И минатата година Министерството за образование ги презеде ингеренциите од Општината заради незаконското разрешување на директорката Теута Лала.