Земјоделците во Тетово се жалат дека не го добиле надоместокот што им следува, ниту од 2023 година, ниту од јуни 2024. Велат дека после последните штети, годинава не саделе бидејќи немаат пари и дека се во сериозни долгови кон земјоделските аптеки и затоа не земале производи без да платат. Тие упатија повик што поскоро да го добијат надоместокот за штетите.
„Ние од таа штета сме во загуба, наместо да садиме тоа што го садевме секогаш, оваа година не успеавме ниту пола од тоа да го садиме бидејќи немаме буџет. Земавме на вересија од земјоделските аптеки, земавме но немавме можност да платиме, тие веќе не ни даваат. Минатата година имав 21 хектари пченица, годинава само 7, минатат година садев 2 илјади садници домати, а годинава само 500. Бројот на сите производи ни е многу помал, помалку од половината од тоа што имав минатата година, не можам да платам, аптеките не ни даваат без да платиме“.
„Вицепремиерот вели дека општина Тетово не ги доставила документите, проблемот е кај пазарната цена. Се уште не почнавме со садење бидејќи се уште не ги добивме парите за претходните години, не прифаќаат, тие барат да платиме за да земеме и да продолжиме, а ние минатата година сме во целосна загуба. Дојдете и видете нивите не се засадени. Минатите години садев 20 хектари компир, а годинава ниту еден. Ја оставив Германија за да дојдам тука подобро, но подобро е да бидеш слуга на Германец отколку да останеш тука“.
Од владината комисија за обесштетување велат дека проблемот е кај општина Тетово бидејќи не ги пополнила образците како што треба и документацијата е вратена неколку пати.

„Оценката на вкупната вредност на штетата треба да ја направи општинската комисија врз основа на барањата за надомест на штетата од граѓаните и како таква, според методологијата, општинската комисија го доставува комплетниот предмет до комисијата формирана од Владата. Освен што не е одредена општата сума на штетата, исто така предметот не е комплетиран и врз основа на методологијата и табелите кои се составен дел од методологијата, не се пополнети согласно тоа што го бара законот. Има и други општини со истиот проблем со комплетирањена предметот според методологија, како Велес, Долнени, Гевгелија итн.“, вели Фатмир Сабриу.
Од општина Тетово признаа дека не ја доставиле документацијата до владината комисија, но велат дека не е поминат законскиот рок.
„Од комисијата не информираа дека во моментот се финализираат некои детали со методологијата, финалниот извештај е во завршна фаза, овој процес се одвиваше според стандардот и според рокот со цел оваа состојба да се реализира со професионалност и транспарентност, во моментот кога ќе биде готов конечниот план, ќе биде доставен до комисијата за проценка на штети во Скопје“, вели Бесарта Рамадани.
Во Тетово оштетени се 560 земјоделци, како и домаќинства кои претрпеа штети од поплавите, но и штети од град. Во јуни 2024 година градоначалникот на Тетово заедно со Министерството за земјоделство излегоа на терен да вршат увид на состојбата, каде на земјоделците им беше ветено обештетување.
