Тетовци секогаш на мака кога ќе заврне: Поплавени куќи и улици, водата не е за пиење

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Сашо Крстевски живее кај касарната во Тетово. Неговата куќа се поплавува секогаш кога има силен дожд. До сега вели дека не добил никаква оштета, а секоја година се поплавува по два-три пати.

Вчерашниот дожд и град во регионот на Тетово беа причина за интервенција на ППЕ Тетово за извлекување автомобили од подвозниците и кај касарната како и за вадење вода од подрумите.

-Имавме блокирани патишта како преминот кон касарната, подвозници, влезови и излези во градот, сите улици во Тетово беа поплавени бидејќи имавме поројни дождови. Спасивме и автомобил во касарната, каде што требаше да се извлечат заглавени луѓе. Имавме вкупно 12 интервенции. Во Вејце имаше свлечиште, но по добиената информација нашите екипи излегоа и го расчистија патот и истиот е прооден. Беше блокиран подвозникот кој оди кон Фалише и Стримница, потоа полицијата го блокираше и патот, ние правиме напори заедно со другите работници кои ни доаѓаат на помош да ги исчистиме овие две критични точки во градот Тетово, вели Авни Амети, командант на ППЕ Тетово.

Покрај интервенциите на пожарникарите и известувањата во општината, до Регионалниот центар за управување со кризи се испратени и над 100 известувања за оштетувања на автомобили и објекти.

-Од неделата се евидентирани приближно 100 телефонски повици, но се случуваше од еден телефонски повик да бидат пријавени повеќе штети на земјоделски култури, објекти или автомобили. Во зависност од тоа какви штети се пријавени, ги евидентираме и ги доставуваме до комисијата или до полицијата. Нема точни бројки бидејќи повиците продолжуваат. Сега дојдов од ИЈЗ и добивме информација дека во градот водата е чиста и може да се пие, но во планинските села водата е заматена, па затоа препорачуваат да се пие флаширана вода или да се преврива пред консумирање, вели Арлинда Мухареми, шефица на РЦУК.

Во текот на денешниот и утрешниот ден се очекуваат врнежи од дожд и град. Тетовските пожарникари апелираат во овие случаи што помалку да се излегува од дома, а во случаите кога ќе забележат вода кај подвозниците да не продолжуваат бидејќи можат да се најдат во ситуација во која би им бил загрозен животот.