Теута Арифи наспроти Биљал Касами – ДУИ и Беса ги продолжуваат разговорите за поддршка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Двајцата преостанати кандидати во битката за Тетово, Теута Арифи од ДУИ и Биљал Касами од Движење Беса кажуваат зошто граѓаните треба да им го доверат менаџирањето со градот!

Додека Касами ги набројува неуспесите на  неговата противкандидатка, Арифи вели дека потребен и е уште еден мандат   за да ги продолжи проектите и дека до сега неколку пати докажала се решени многу проблеми.

„Бидејќи во два мандати Теута Арифи не успеа во Тетово да има вода за пиење 24 часа, да нема отпад, кучиња скитници, со услови какви што заслужуваат тетовци, бидејќи јас како кандидат за градоначалник на општина Тетово имам план  со кој Тетово за 4 години ќе ги затвори овие прашања“, истакна Биљал Касами.

„Мојата програма е многу јасна, ние направивме многу проекти  за инфраструктурата, проекти кои зборуваат самите и секако  на овие работи  се базираат и граѓаните кои од сите кандидати ми дадоа најголем број гласови“, посочи Теута Арифи.

Како Арифи така и Касами се на став дека на локалните избори треба да се направи коалиција со граѓаните, но тврдат дека веќе  разговараат за поддршка од тие кои не поминаа во втор круг.

„Политичките партии имаат право да преговараат, но за мене како актуелен градоначалник но и кандидат за градоначалник, важна  е поддршката од секој граѓанин кој живее во општина Тетово“, вели Теута Арифи.

„Преговараме, ние како Движење Беса  сме подготвени да разговараме за взаемна поддршка за да дојде до промена таму каде што треба да има промена, за доброто на граѓаните и во деновите кои следат ќе има нешто поконкретно“, додава Биљал Касами.

Што се однесува до коалицијата Беса-Алијанса, Касами тврди дека ќе донесе взаемна поддршка, но додава дека  во ниеден случај не се преговара за ново парламентарно мнозинство.

„Зборуваме за  локалните избори, разговараме за взаемна соработка во вториот круг меѓу Движење Беса и АА,   во тој правец ние како Движење Беса сме отворени за разговор за да можеме да имаме позитивен резултат за двата политики субјекта и да направиме се, за други комбинации не е време да се зборува“, вели Биљал Касами.

Според Арифи, градот Тетово е во избори како и повеќето градови, затоа граѓаните ќе одлучат за локалното раководство а не политиките.

„Градот Тетово  е во избори како и другите градови и ќе добие резултат по избор на граѓаните, затоа јасно ми е дека ќе одлучат за поддршка на овие конструктивни политики“, вели Теута Арифи.

Теута Арифи и Биљал Касами повторно ќе се соочат во вториот круг на локалните избори на 31 октомври.