14-годишно момче е тешко повредено по брутален напад што се случил на 22 јуни во скопската населба Ченто.
Според семејството, малолетникот бил нападнат без никаква причина од три лица додека се движел кон улицата „Финска“, при што најпрво бил претепан, а потоа неколку пати прободен со нож во грбот.
По нападот, тој останал без свест и бил пронајден од случаен минувач, кој веднаш ги повикал итната медицинска помош и полицијата.
Повредениот бил итно пренесен во Ургентниот центар, каде му била извршена хируршка интервенција.
Семејството бара брза истрага, целосно расчистување на случајот и пронаоѓање на сторителите.
Од Министерството за внатрешни работи е потврдено дека случајот е пријавен и се преземаат мерки за истрага и идентификација на напаѓачите.
