Топлотниот бран во Европа однесе најмалку 12.000 животи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Најмалку 12.000 дополнителни смртни случаи се регистрирани во десетина европски земји за време на екстремниот топлотен бран во јуни, покажуваат податоците собрани од националните статистики. Бројката е привремена и се очекува дополнително да се зголеми со пристигнувањето на нови информации.

Според анализата објавена од агенцијата Франс прес, во периодот од 22 до 28 јуни, кога топлотниот бран го достигна својот врв во повеќе европски земји, националните институти во Германија, Франција, Белгија, Шпанија, Холандија, Швајцарија и Луксембург регистрирале околу 10.000 дополнителни смртни случаи.

На оваа бројка се додаваат и околу 2.200 смртни случаи поврзани со високите температури во Англија и Велс, според проценките на британската метеоролошка служба за периодот од 18 до 28 јуни.

Сепак, експертите предупредуваат дека ова не е конечната бројка. Привремените податоци од европската платформа за следење на смртноста (EuroMOMO) укажуваат на значително зголемување на бројот на починати во последната недела од јуни, со околу 14.260 дополнителни смртни случаи.

Овој статистички модел се базира на официјални извештаи од 24 европски земји, кои опфаќаат население од речиси 400 милиони луѓе.

„Летото не е завршено“, предупреди регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Хенри Клуге, кој посочи дека и понатаму постојат ризици од нови топлотни бранови.

Според него, многу влади сè уште ги третираат високите температури само како временска појава, а не како здравствена криза.

Епидемиолозите посочуваат дека нема други значајни причини кои би можеле да го објаснат зголемувањето на смртноста во овој период, освен екстремните горештини. Сепак, нагласуваат дека податоците сè уште се привремени и потребни се неколку недели за проценките да станат постабилни.

Научниците од организацијата World Weather Attribution предупредуваат дека ваков топлотен бран во јуни би бил речиси невозможен без влијанието на климатските промени.

Некои земји од Централна и Источна Европа, кои исто така беа погодени од јунскиот топлотен бран, меѓу кои Словачка и Унгарија, сè уште немаат објавено официјални податоци за последиците.

Експертите предупредуваат дека со продолжувањето на летната сезона, потребни се засилени мерки за заштита на најранливите категории граѓани, особено постарите лица, хронично болните и луѓето кои работат на отворено.