Тошковски бил зачуден од обвинителите: Васко Ковачевски ги „скара“ МВР и ОЈО

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски бил зачуден зашто Обвинителството не побарало притвор за бившиот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски. Тој не е во државата, а е дел од осомничените во акцијата „Адитиви“ – предметот за местење тендери и перење пари за набавка на јаглен за потребите на РЕК Битола.

„Првично во јавноста се шпекулираше дека наводно за таков тип на кривично дело не можело да се побара најстрога мерка, согласно одредбите од Законот за кривична постапка, што како факт е неточно. Тоа не е точно. Значи, Јавното обвинителство согласно закон имало право, а ако ме прашате мене и морало за лице коешто е недостапно на органите на прогонот да побара определување на мерка притвор“, изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.

Тошковски праша зошто само за тоа лице од предметот „Адитиви“ не е побарана мерка притвор. Од обвинителството одговорија дека полицијата најпрвин требала судот да го извести дека тој е недостапен.

Во меѓувреме, Тошковски потврди дека се шири истрагата и во Државната лотарија, откако Финансиската полиција поднесе нови кривични пријави за поранешниот директор Прпарим Бајрами, но и други лица.

„Постојат индиции повеќе за сторени криминали, постојат основи на сомнение многу“, изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.

Последно, се испитуваат дури шест тендери на Лотарија за набавка на телевизори, компјутери и друга опрема. Набавките наводно биле наместени да и одговараат на компанијата Ритрон Копи од Куманово, чиј сопственик е Артан Ајрули. Според сомнежите, дел од опремата воопшто и не била испорачана, а буџетот е оштетен за 22 милиони денари.