Трагедиите и разликите во истрагата: Кран-Монтана и Кочани! – Османи: Обвинителството во Швајцарија ја бара вината таму каде што треба, кај нас – таму каде што сакаат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Начинот на кој институциите постапуваат во случаи на големи трагедии е јасен показател за зрелоста и функционалноста на еден правен систем. Споредбата меѓу трагедијата во Кран-Монтана, Швајцарија, и несреќата во Кочани, Македонија, отвора сериозни прашања за разликите во истражниот пристап и утврдувањето одговорност.

Универзитетскиот професор и правник Сејфула Османи оценува дека домашниот правосуден систем често ја бара вината според дневно-политички или институционални интереси, за разлика од современите европски практики, како швајцарската, каде одговорноста се лоцира таму каде што навистина настанала.

„Во процесна смисла, обвинителството во Швајцарија ја бара вината таму каде што е, додека кај нас ја бараме таму каде што ние сакаме. Тоа е суштинската разлика што нè издвојува како општество и правен систем од швајцарската правна традиција, која е европска, современа и прецизна“, изјави Османи.

Тој додава дека во случајот со трагедијата во Кочани, наместо темелна и стручна истрага, доминирала „лов на вештерки“, со насочување на вината кон функционери и лица кои немале директна поврзаност со настанот.

„Ние ја баравме вината таму каде што ни одговараше – кај министри и кај луѓе кои имале надлежности многу порано. Во Швајцарија, пак, одговорноста се бара кај инспекциските служби, менаџментот на објектот и директните фактори што довеле до избувнување на пожарот. Така требаше да се постапи и кај нас. Се надевам дека продолжението на истрагата за Кочани ќе оди во таа насока“, нагласи Османи.

Во меѓувреме, швајцарските истражители, со поддршка од експерти за противпожарна заштита, постепено го реконструираат мозаикот на трагедијата во Кран-Монтана. Фокусот на истрагата веќе не е само на тоа што го предизвикало пожарот, туку и зошто тој се проширил толку брзо и со фатални последици.

Првичните наоди укажуваат дека пожарот бил предизвикан од пиротехнички средства поставени врз шишиња со шампањ, кои го запалиле таванот изолиран со полиуретан. Иако сопственикот на барот тврди дека објектот редовно бил контролиран и дека работел согласно прописите, постари видеоснимки покажуваат дека користењето огномети било дел од вообичаениот „шоу“-програмa во локалот и во претходните години.

Случајот уште еднаш ја отвора дилемата – дали институциите учат од трагедиите или истите грешки се повторуваат, со различни последици, но со иста одговорност што останува нерасчистена.