Трагедија на патот Гостивар–Стража: Во сообраќајка загина 21-годишниот фудбалер Даниел Николовски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Трагична сообраќајна несреќа го одзеде животот на 21-годишниот Даниел Николовски од Тетово, млад фудбалер кој во минатото бил дел од младинските категории, а потоа и од сениорскиот тим на ФК Тетекс.

Несреќата се случила синоќа околу 22:55 часот на магистралниот пат Гостивар–Стража, каде дошло до судир помеѓу две патнички возила „голф“.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, едниот „голф“, со гостиварски регистарски ознаки, бил управуван од 34-годишниот А.И. од село Чегране, а со него како сопатник бил 28-годишниот Х.К. од Гостивар.

Во другото возило, со тетовски регистарски ознаки, се наоѓале 21-годишниот Д.Н. од Тетово, кој управувал со возилото, и неговиот 21-годишен сопатник Ф.Ј., исто така од Тетово.

Од здобиените повреди, на местото на несреќата лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт кај Д.Н., односно Даниел Николовски.

Останатите три лица кои учествувале во несреќата биле пренесени во Медицинскиот центар во Гостивар, каде им биле констатирани телесни повреди.

Веста за смртта на Николовски особено го потресе ФК Тетекс, каде што тој ги направил своите први фудбалски чекори. Од клубот со длабока болка се простија од својот поранешен младинец и сениорски фудбалер.

„Ќе остане запаметен како дел од нашето Тетексово семејство и засекогаш ќе биде дел од историјата на нашиот клуб“, порачаа од ФК Тетекс.

Клубот упати најдлабоко сочувство до семејството, најблиските и сите кои го познавале Даниел.

На местото на несреќата бил извршен увид од јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Гостивар. Се преземаат мерки за целосно расчистување на причините и околностите под кои се случила трагичната сообраќајна несреќа.