Трагедија при лов кај Кавадарци: Пожарникари со алпинистичка опрема извлекоа безживотно тело од бездна длабока 150 метри!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Територијалната противпожарна единица од Кавадарци денеска интервенираше при извлекување на безживотно тело на жител од градот, кој трагично го загубил животот по пад од карпа висока околу 150 метри, при лов.

Како што информираат од ТППЕ Кавадарци, по добиеното барање за помош веднаш била организирана интервенција со пет пожарникари, кои на терен излегле со специјализирана опрема за работа на височина, односно алпинистичка опрема.

Во координација со четворица припадници на МВР Кавадарци и двајца членови од семејството на починатиот, спасувачките екипи се упатиле кон длабок и исклучително непристапен терен. Поради локацијата на телото, кое се наоѓало на стрмен и непрооден простор, било неопходно пожарникарите да се обезбедуваат меѓусебно со алпинистичка техника, со цел да се избегнат дополнителни несреќи.

По целодневен и исклучително напорен ангажман на екстремно тежок и лизгав карпест терен, телото било успешно извлечено од бездната и предадено на надлежните безбедносни органи за понатамошна постапка.

Од Територијалната противпожарна единица Кавадарци изразија сочувство до семејството на настраданиот и потенцираа дека и понатаму ќе интервенираат секогаш и секаде кога е загрозен човечки живот.