Трајчулевски: Се заканува колапс поради ЕЕС системот – Николоски: Разговараме со ЕУ, но не наидуваме на разбирање

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Проблемот со ограничувањето на престојот на возачите во Шенген зоната или таканаречениот ЕЕС систем ќе предизвика сериозен колапс кој ќе влијае на снабдувањето на земјава, а ќе влијае и на економијата. Пратеникот од СДСМ Митко Трајчулевски овој проблем го отвори на седницата за опозициски прашања барајќи одговор од министерот за транспорт Александар Николоски за тоа што ќе преземат да го решат овој проблем. Во истовреме, рече тој, поради тоа што превозниците нема да можат да испорачуваат стоки, може да ги изгубат своите работи, а решението да го бараат во тоа да работат во други земји.

„Со прекинување, со колапс на овие синџири на снабдување, ние ќе дојдеме до ситуација да имаме недостаток на прехранбени производи, на основни потреби во нашите маркети, недостаток на лекови во нашите аптеки, недостаток на репроматеријали за нашите фабрики и компании што ќе значи сериозно погодување на нашата економија. Која е стратегијата на Владата, кои се чекори преземени, ако се воопшто некакви чекори преземени и која е прогнозата за решавање на ова прашање“, вели Митко Трајчулевски.

Министерот за транспорт и врски Александар Николоски рече дека се работи навистина за сериозен проблем, за кој што било дискутирано со Европската унија, но дека од нив не наишле на разбирање.

„Формалниот одговор кој што пред некој ден го даде и портпаролот на Европската комисија со кој што не се согласувам е дека нема разлика помеѓу она што до сега биле правила и новите правила затоа што според него и според досегашните правила еден патник може да остане до 90 дена во рамки на 180 дена во шенген зоните и дека истото останува и сега. Формално тоа е точно, практично не е точно од причина што превозниците не се туристи“, вели Александар Николоски.

На денешната собраниска седница беше поставено и прашањето за недостиг на лекови за хемофилија. Јована Мојсовска од Левица праша како си дозволило Министерството за здравство да ги остави болните без потребната терапија. Наместо министерот одговор даде неговиот заменик Јовица Андовски кој рече дека добавувачот не успеал да ги достави лековите, но затоа е најден заменски лек кој им се нуди на пациентите.