Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека Канада би можела да се придружи на планираниот американски штит за воздушна одбрана, познат како „Златна купола“, или со плаќање на 61 милијарда долари или со приклучување кон САД.
„Им кажав на Канада, која многу сака да биде дел од нашиот фантастичен систем „Златна купола“, дека ќе ги чини 61 милијарда долари да останат посебна, но нееднаква нација, но ќе ги чини НУЛА ДОЛАРИ да станат наша сакана 51-ва држава. Тие одлучуваат“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.

Неговите коментари дојдоа кратко откако канадскиот премиер Марк Карни изјави за Си-Би-Си дека сака да потпише голема европска одбранбена иницијатива и да стане дел од планот за вооружување „РеАрм Европа“ до 1 јули, потег насочен кон намалување на зависноста на земјата од САД за оружје и муниција.
Карни постојано ги отфрла потезите на Трамп Канада да стане 51-ва земја. На неодамнешната средба со Трамп во Овалната соба, тој рече дека Канада не е на продажба.
Минатата недела, Трамп откри повеќе детали за својот проект вреден 175 милијарди долари, велејќи дека ќе биде оперативен пред крајот на неговиот мандат во 2029 година и дека ќе биде способен да пресретнува беспилотни летала и ракети од каде било во светот, па дури и од вселената.
