Побрзото поврзување на приградските населени места со Скопје треба да биде една од придобивките од проектот „Градски воз“, чија прва линија веќе е ставена во функција. Денеска премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски се возеа со возот на релацијата Зелениково–Скопје.
Првата линија ги поврзува Зелениково, Ново Зелениково, Орешани, Јане Сандански, Драчево и Лисиче со Новата железничка станица во Скопје. Проектот е замислен како дополнителна можност за јавен превоз за граѓаните кои секојдневно патуваат кон главниот град.
Покрај линијата од Зелениково, предвидено е воведување на уште две линии. За нив во моментов се изработува проектната документација, а според најавите, треба да бидат пуштени во функција најдоцна до почетокот на 2028 година.
Едната линија ќе биде долга 18 километри и ќе сообраќа на релација Волково – Ѓорче Петров – Скопје Север – Железничка станица Скопје.
Втората, во должина од 20 километри, ќе ги поврзува Миладиновци, Илинден и Маџари со Железничката станица во Скопје.
Мицкоски оцени дека реализацијата на првата линија претставува чекор напред во подобрувањето на јавниот транспорт, но и во намалувањето на загадувањето и заштитата на животната средина.
Тој посочи дека проектот бил реализиран за околу една година, а условите на делницата од Зелениково до Централната железничка станица во Скопје ги оцени како „европски“.
„Навистина една година е прилично брз период за да се реализира овој проект. Од лично искуство можам да кажам дека условите во коишто денеска ја поминавме делницата од Зелениково до оваа Централна железничка станица во центарот на Скопје се навистина европски“, рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека „Градскиот воз“ нема да ги реши сите проблеми во транспортот, но според него претставува чекор напред во справувањето со дел од предизвиците, особено во јавниот превоз и заштитата на животната средина.
Од Министерството за транспорт посочуваат дека целта е да се создаде поефикасен јавен превоз, да се зголеми мобилноста на граѓаните и да се намали зависноста од патниот сообраќај.
Николоски истакна дека стартот на првата линија е исполнување на најавата таа да почне со работа на 1 септември и изрази очекување возот да биде користен од различни категории граѓани.
„Ветивме дека првата линија ќе почне на 1 септември и така се случи. Се надевам дека ќе ја користат многумина, дека многу ќе помогне и на учениците и на средношколците, на сите оние кои што сакаат навреме да стигнат на своите работни места, пензионерите и ќе ја користиме сите ние“, рече Николоски.
Со планираното воведување на уште две линии, „Градскиот воз“ треба постепено да опфати поголем број населени места околу Скопје и да обезбеди дополнителна железничка врска со централното градско подрачје.
