Трамп го пречека Зеленски во Белата куќа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска го пречека украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа, пред погребот на американскиот сенатор Линдзи Грејем, кој силно лобираше во Вашингтон за поддршка на Киев во конфликтот со Русија.

Се очекува Зеленски, пред погребот на Грејем попладнево, да има кратка средба насамо со Трамп, најверојатно без присуство на новинари, изјавил за „Ројтерс“ извор запознаен со плановите.

„Ројтерс“ оценува дека посетата му дава можност на Зеленски да ја зацврсти воената поддршка во момент кога односите меѓу САД и Украина се подобри отколку што биле во изминатите месеци. Сепак, Вашингтон ја одложува помошта за Киев, а со смртта на Грејем Украина остана без еден од своите највлијателни поддржувачи во американската престолнина.

Украинскиот претседател од Трамп ќе побара итно потребни капацитети за противвоздушна одбрана и завршување на договорот за беспилотни летала. Двајцата лидери најверојатно ќе разговараат и за ветувањето на Трамп од самитот на НАТО за одобрување лиценца за Украина за производство на ракети-пресретнувачи за системот „Патриот“.

По средбата во Белата куќа, се очекува Зеленски да замине во американскиот Конгрес, каде што ќе разговара со сенатори, пренесува „Ројтерс“.

Неговата посета се одвива во момент кога писмо од Пентагон упатено до законодавците покажало дека администрацијата на Трамп го известила Конгресот дека нема да потроши до крај 400 милиони долари одобренa помош за Украина пред фискалната 2029 година, иако на Киев му недостига оружје потребно за одбрана од руските ракетни напади.

Демократите и дел од републиканците блиски до Трамп го критикуваа Пентагон поради задржувањето на помошта за Киев, која минатата година ја поддржаа претставници од двете партии.

Зеленски и Трамп повеќепати имаа несогласувања во првите месеци од вториот мандат на американскиот претседател, но односите меѓу нив се подобрија во последните месеци, откако Украина постигна поголеми успеси во војната, вклучително и засилени напади врз руската нафтена индустрија.

Грејем, републикански сенатор од Јужна Каролина, кој ненадејно почина на 11 јули на 72-годишна возраст поради срцеви проблеми, беше еден од најистакнатите сојузници на Трамп. Тој се залагаше за силна американска воена улога во светот и цврсто ја поддржуваше Украина.

Со Зеленски се сретнал во Киев само еден ден пред смртта, за време на неговата десетта посета на Украина од почетокот на руската инвазија во 2022 година. Американскиот Сенат се подготвува за гласање за двопартиски пакет нови санкции против Русија, чие усвојување Грејем го поддржуваше во последните денови од животот.

Грејем се кандидираше за петти мандат во Сенатот, откако во јуни победи на републиканските предизбори во Јужна Каролина. Неговата сестра Дарлин Грејем беше назначена да го заврши неговиот мандат, а најави дека во ноември, со поддршка од Трамп, ќе се кандидира за целосен шестгодишен мандат.

Зеленски по пристигнувањето во Вашингтон изјави дека противбалистичката одбрана и стратешката соработка со САД се „приоритет број еден“ на средбите со Трамп и неговиот тим.

„Мирот мора да се приближи“, напиша тој на социјалната мрежа Икс.

Претставник на Белата куќа изјавил дека Трамп со украинскиот претседател ќе разговара за мировниот процес меѓу Русија и Украина.

„Сега е време да се стави крај на војната“, рекол претставникот.

Зеленски минатата недела разговарал со американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер за можностите за обновување на мировните преговори со Русија и изјавил дека украински и американски претставници би можеле да се состанат во САД во наредните денови.