Американскиот претседател Доналд Трамп го ублажи тонот кон италијанската премиерка Џорџа Мелони, велејќи дека односите меѓу нив се „многу добри“.
Запрашан од новинарите во Белата куќа за односите со италијанската премиерка, Трамп рече дека отсекогаш ја ценел Мелони.
„Многу добри. Мислам дека имаме многу добри односи. Ми се допаѓа. Отсекогаш ми се допаѓала“, изјави Трамп.
Изјавата доаѓа по неколку месеци во кои имаше јавни разлики меѓу двајцата лидери, особено во однос на ставовите кон војната во Иран и ангажманот на европските земји.
Италијанските медиуми ја протолкуваа последната изјава на Трамп како ублажување на неговиот став кон Мелони.
Трамп и Мелони и претходно имаа позитивни изјави за нивните меѓусебни односи, додека тензиите во последните месеци главно беа поврзани со американската политика кон Иран и улогата на европските сојузници.
