Трамп и Си во Вашингтон: Eкономијата, трговијата, вештачката интелигенција, Тајван и војната со Иран во фокусот на средбата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ќе го пречека кинескиот претседател Си Џинпинг во Белата куќа на свечен самит кој се очекува да биде богат со симболика, но со малку конкретни резултати, при што двајцата лидери се заинтересирани да ги прикажат односите како стабилни и покрај длабокото ривалство во позадина.

Ова ќе биде втора средба на лидерите на двете најголеми економии во светот годинава, но прва посета на Си на Вашингтон по повеќе од една деценија.

Трамп го пречека Си при неговото пристигнување во средата вечерта, што е првпат американски претседател да пречека странски лидер во воздухопловната база „Ендрус“ во последните 11 години. Последен пат тоа го направи претседателот Барак Обама во 2015 година, кога го пречека папата Франциск, според C-SPAN, кој ги следи претседателските настани.

Во изјавата по пристигнувањето, објавена од кинеската агенција „Ксинхуа“, Си изрази надеж за постабилни односи со САД, велејќи дека Пекинг и Вашингтон треба да бидат „партнери, а не ривали“ и дека „историската логика на мирен соживот“ меѓу двете земји не се променила.

За Трамп, кој ужива во церемониите и ги цени односите со моќните лидери, посетата е исто толку прашање на национален престиж колку што е и можност за дипломатија од висок ризик.

Американскиот претседател има намера да возврати на грандиозниот пречек што го доби во Кина во мај и да го импресионира Си со церемонија која ќе се одржи на јужниот тревник на Белата куќа, на Државниот кат и во Розовата градина.

Не се очекуваат големи пресврти. Аналитичарите велат дека конкретните резултати веројатно ќе се ограничат на продолжување на трговското примирје кое истекува во ноември и на договор за разгледување на заканите поврзани со вештачката интелигенција.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент во средата за „Фокс њуз“ изјави дека по разговорите со кинескиот вицепремиер Хе Лифенг се договориле до 10 јануари да го продолжат договорот со кој беше ставена во мирување трговската војна, во која меѓусебните царини достигнаа над 100 отсто.

Извори запознаени со плановите велат дека разговорите би можеле да донесат и договори за намалување на одредени царини, борба против трговијата со дрога и проширување на воениот дијалог, додека се очекува Трамп да побара ослободување на Американци и други лица притворени во Кина.

Поранешниот заменик-државен секретар Курт Кембел изјави дека самитот е помалку поврзан со суштински преговори, а повеќе со можност двајцата силни лидери да ја демонстрираат својата моќ.

„Ова навистина е историска реинкарнација на она што во антиката често го нарекувавме единечна борба – навистина моќни луѓе, секој од нив ги претставува своите цивилизации, на некој начин се мерат и се соочуваат еден со друг“, рече Кембел.

Си се чини дека е во посилна позиција, откако надгледуваше зголемување на кинеската трговија и ја контролира понудата на ретки земни минерали, што му дава моќен извор на влијание.

И двајцата лидери гледаат предности во одржувањето на стабилни односи, при што Трамп е преокупиран со непопуларната војна во Иран, а Си се соочува со домашни економски предизвици.

Но, под површината постојат предизвици кои би можеле повторно да ги разгорат тензиите, вклучително и споровите околу Тајван, контролата на извозот и вештачката интелигенција.

Тајван, демократски управуван остров на кој Кина полага право, е најспорното од овие прашања.

Американските сојузници во Азија се загрижени дека Трамп би можел да биде во искушение да ја ублажи поддршката на Вашингтон за Тајпеј за да обезбеди економски придобивки во односите со Кина.

Се очекува Си да изврши притисок врз Трамп да ја запре продажбата на оружје за Тајван, а тоа би можело да се случи за време на планираната заедничка посета на Националниот архив на САД во петок, изјавиле за Ројтерс извори запознаени со разговорите. За возврат, Кина нуди помош за вршење притисок врз Иран, додале изворите.

По самитот во мај, Трамп изјави дека ја одложил испораката на пакет оружје вреден околу 14 милијарди долари и го нарече тоа „многу добар адут во преговорите“.

Лидерите најверојатно ќе разговараат и за војната во Иран, но досега има малку знаци дека Пекинг е подготвен да изврши притисок врз својот сојузник да ги исполни американските барања, и покрај нарушувањата што конфликтот ги предизвика во енергетското снабдување и трговијата.

Трговијата нуди повеќе простор за напредок. Трамп бара трговски успеси пред изборите за Конгресот, а американскиот трговски претставник Џејмисон Грир овој месец изјави дека двете земји ќе објават „одредени најави во земјоделството и нетарифните бариери“.

Грир во понеделникот изјави дека Кина напредува во исполнувањето на обврската да купи 200 авиони „Боинг“, но не даде индикации дека се блиску дополнителни нарачки.

Аналитичарите велат дека вештачката интелигенција би можела да биде област за соработка, со оглед на нејзините импликации за националната безбедност, економската конкурентност и воените способности, како и заедничката загриженост на САД и Кина за нејзината злоупотреба.

Бесент разговарал за вештачката интелигенција со Хе Лифенг за време на викендот, а американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека се размислува за „нешто еквивалентно на телефонска линија каква што имавме за време на Студената војна“, со цел да се избегнат опасни инциденти кои „би можеле да влијаат врз економиите или општествата, па дури и да доведат до конфликт меѓу државите“.

Сепак, аналитичарите велат дека интензивната конкуренција во областа на вештачката интелигенција веројатно ќе го ограничи просторот за нешто повеќе од симболични договори.

На списокот на гости за државната вечера во четврток се наоѓаат директори како Тим Кук од „Епл“, Џеф Безос од „Амазон“, Сундар Пичаи од „Алфабет“, Сем Алтман од „ОпенАИ“, Илон Маск од „Тесла“ и Џенсен Хуанг од „Нвидиа“. Сепак, и покрај ваквата листа на гости, лица запознаени со плановите на САД велат дека Трамп најверојатно ќе ги задржи строгите ограничувања за извоз на американска технологија што Си сака да бидат ублажени.