Трамп ќе побара од Конгресот да го одобри нуклеарниот договор со Саудиска Арабија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп планира да му достави на Конгресот на одобрување договор со Саудиска Арабија за споделување нуклеарна технологија, за кој американските медиуми наведуваат дека не содржи заштитни мерки за да се спречи нејзина употреба во програми за развој на нуклеарно оружје.

Станува збор за документ познат како Договор според член 123 од американскиот Закон за атомска енергија, кој минатата година го потпишаа американскиот секретар за енергетика Крис Рајт и саудискиот министер за енергетика Абдулазиз бин Салман.

Договорите засновани на членот 123 овозможуваат соработка меѓу САД и други држави во областа на нуклеарната енергија, вклучително и пренос на нуклеарна технологија и материјали.

Извори запознаени со договорот велат дека документот не го содржи таканаречениот „златен стандард“, кој би ѝ забранил на Саудиска Арабија збогатување на ураниум и преработка на искористено нуклеарно гориво – активности што потенцијално би можеле да се искористат за развој на нуклеарно оружје.

Саудиска Арабија со години настојува да развие цивилна нуклеарна програма, додека Вашингтон претходно бараше гаранции од Ријад дека нуклеарната технологија нема да се користи за воени цели.