Трамп најави можен крај на војната во Иран – цените на светските берзи повторно реагираа на неговите изјави

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е прилично оптимистичен за војната во Иран и покрај зголемувањето на цените на енергенсите, жртвите и уништувањето, како и загриженоста за иднината на НАТО и Блискиот Исток.

Тој додаде дека војната била „совршена“, истакнувајќи ја моќта на американската војска.

-И треба, треба да заврши наскоро. Беше совршено. Мислам, совршено е, изјави Трамп.

Трамп изјави дека цените на горивата се „не многу високи“ во споредба со неговите очекувања поради конфликтот во Иран.

-И покрај нашето мало отстапување кон прекрасната земја Иран — прекрасно место — но моравме да го направиме тоа, затоа што инаку би можеле да се случат лоши работи. Навистина лоши работи. Затоа испративме — и мислам дека ќе видите неверојатни резултати, знаете, за оние што го доведуваат во прашање тоа. Ќе видите — работата што ја направивме е неверојатна. Бродовите се таму денес и велат: Не доаѓајте тука, немој ни да помислите на тоа. И имате овие огромни танкери што велат: Ајде да бегаме одовде што побрзо. Неверојатно е. Неверојатно е, вели претседателот на САД, Доналд Трамп.

Оваа негова изјава доаѓа само неколку часа откако на социјалните мрежи објави дека Израел и Либан се договориле за десетдневно примирје, што претставува пат кон траен мир. Ова, но и последните негови изјави повторно влијаеа врз цените на нафтата на светските берзи. Откако на почетокот на неделата повторно се искачи над 100 долари, вчера цената на нафтата од типот Брент падна на околу 94 долари за барел, за да денеска се движи околу 97 долари.