Трамп повторно го шокираше светот – царините ставени во мирување 90 дена

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот претседател Доналд Трамп, повторно го шокираше светот. Објави 90 дневен мораториум на царините за повеќето земји освен за Кина, за која ги зголеми царините на 125%.

Трамп вчера објави дека сите земји кои не возвратија на американските царини ќе добијат одложување – до јули и ќе се соочат само со сеопфатна американска царина од 10 проценти.

„Мислам дека тоа е многу позитивно за светот и за нас.  Ние не сакаме да им наштетиме на земјите кои не треба да бидат повредени. И сите тие сакаат да преговараат“, вели Доналд Трамп.

Повеќе од 75 земји ја контактирале американската федерална влада за да преговараат за решение. Додека пак Пекинг  возврати со 84% царини за увоз од САД.

Берзите пораснаа веднаш по веста за мораториум од 90 дена. По неколкудневниот пад, индексот Дау Џонс порасна за речиси 8%, а индексот Насдак забележа раст од над 12%, најголем од 2001 година. Растеа индексите на европските и светските берзи.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја поздрави одлуката на Трамп- рече дека  е важен чекор кон стабилизирање на глобалната економија. Во мирување од 90 дена се и контра-царините на ЕУ за увозот на американски производи.

Премиерот Мицкоски информираше дека вчера разговарал со американскиот секретар за  економија, Хауард Лутник.

„Ја нагласив важноста на американската поддршка за стабилен и просперитетен Балкан, а посебно за прашањата кои се од витално значење за економската соработка. Се согласивме да продолжиме да го развиваме стратешкото и економско партнерство помеѓу двете земји“, порача Христијан Мицкоски.

Министерката за финансии Кочоска претходно најави дека сме подготвени да ги намалиме царините со САД  дури и на нула проценти. А, ќе се работи и на потпишување  на договор за слободна трговија.

За универзитетската професорка Никица Мојсоска Блажевски, тоа е гест на пријателство. Во емисијата Бизнис 21 таа препорача дека мора повеќе да се подготвиме за стратешкиот дијалог со САД за да ги зацврстиме нашите позиции и да истапиме со барања.

„Нашиот извоз кон Америка е релативно мал 1,5 отсто од вкупниот наш извоз. Увозот од Америка е 1,3 % од вкупниот увоз. Така што Америка не е наш значаен трговски партнер и мислам дека намалување на царините на 0 % би било еден гест на добра волја или пријателски однос“, вели Никица Мојсоска Блажевски.

И додека светот се созема од неколкудневниот шок, мнозинството демократи во американскиот Конгрес, како и играчи на пазарот, аналитичари и новинари, се  сомневаат- дека Трамп незаконски учествувал во најголемата пазарна манипулација во светот. Дали соработниците на Трамп незаконски профитираат од огромните промени на берзата преку инсајдерски тргување?- прашуваат тие и повикуваат на конгресна истрага.