Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани на Европската Унија со „многу повисоки“ царини до 4 јули, доколку блокот не ги намали царините кон САД на нула.
По телефонски разговор со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, Трамп изјави дека се согласил да им даде рок до „250-годишнината на нашата држава, или во спротивно нивните царини веднаш ќе се зголемат на многу повисоки нивоа“.
Сепак, фон дер Лајен изјави дека блокот постигнува „добар напредок кон намалување на царините“ пред рокот поставен од Трамп, објави Би-Би-Си.
Само неколку часа по заканата, американски суд пресуди дека најновите глобални царини од 10% на Трамп не се оправдани според американскиот трговски закон, што може да отвори простор за нови правни оспорувања во иднина.
Трговски договор меѓу Фон дер Лајен и Трамп бил постигнат во јули минатата година, но напредокот во неговата имплементација наидел на пречки во средата, откако разговорите меѓу европските законодавци и владите завршиле без договор.
„Остануваме целосно посветени, од двете страни, на неговата имплементација“, напиша Фон дер Лајен на платформата X во четвртокот.
Трамп претходно се закани и со царини од 30% за европските стоки.
Договорот доби условно одобрување од Европскиот парламент во март, кога мнозинството европратеници го поддржаа законодавството за негова примена, но додадоа и заштитни мерки за да се осигури дека САД ќе го почитуваат својот дел од договорот.
Парламентарците гласаа дека ќе прифатат нулта царина за американските производи само доколку европските производи од челик и алуминиум бидат изземени од глобалната царина од 50% што ја воведе Трамп за овие производи.
И покрај напредокот во Парламентот, договорот бара и одобрување од 27-те земји членки на Европската Унија.
