Претседателот на САД, Доналд Трамп, во неделата изјави дека им порачал на своите претставници да не брзаат со каков било договор со Иран, со што се чини дека ги ублажи надежите за неизбежен пресврт во тримесечната војна, кои претходниот ден беа подгреани од двете страни.
Американската блокада на иранските бродови во Ормускиот Теснец ќе „остане во целосна сила и ефект сè додека не се постигне, сертифицира и потпише договор“, напиша Трамп на Truth Social.
Преговорите напредуваат, а односите на САД со Иран станаа попрофесионални и попродуктивни, рече тој. Но, тој додаде: „Двете страни мора да си земат време и да го направат тоа како што треба. Не смее да има грешки!“
Еден ден претходно, Трамп изјави дека Вашингтон и Иран „во голема мера договориле“ меморандум за разбирање за мировен договор со кој повторно ќе се отвори Ормускиот Теснец, преку кој пред конфликтот се пренесуваше една петтина од глобалните пратки на нафта и течен природен гас.
Трамп во повеќе наврати ја истакнуваше можноста за договор за ставање крај на војната што САД и Израел ја започнаа на 28 февруари, но досега без успех.
Не беше јасно дали договорот на кој тој се осврна во неделата е првичниот меморандум за разбирање за кој се дискутира, или пак многу попредизвикувачко, широко мировно решение, за кое веројатно ќе биде потребно многу повеќе време.
Двете страни и понатаму се со спротивставени ставови за бројни тешки прашања, како што се нуклеарните амбиции на Иран и барањата на Техеран за укинување на санкциите и ослободување на десетици милијарди долари ирански приходи од нафта кои се замрзнати во странски банки.
Разни медиуми во САД и Иран објавија дека меморандумот, кој ја поставува рамката за прекин на повеќемесечните борби, доколку биде склучен, ќе ја укине американската блокада на иранскиот бродски сообраќај и повторно ќе го отвори водениот пат, кој Иран го затвори со закани за напади врз бродовите.
НАДЕЖ ЗА ОЛЕСНУВАЊЕ НА ГЛОБАЛНАТА ЕНЕРГЕТСКА КРИЗА
Висок ирански извор претходно изјави за Ројтерс дека доколку Врховниот совет за национална безбедност на Иран го одобри меморандумот, тој ќе биде испратен до врховниот водач, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, за конечно одобрување. Но, иранската новинска агенција „Тасним“ објави дека сè уште постојат разлики околу една или две клаузули. „Тасним“ цитираше извор кој вели дека нема да има конечно разбирање доколку САД продолжат да создаваат пречки.
Како уште една потенцијална пречка, воениот советник на Хамнеи изјави дека Техеран има законско право да управува со Ормускиот Теснец, иако не беше јасно дали тоа значи продолжување на одлучувањето за тоа кои бродови можат да поминат.
Каков било договор со кој би се зацврстил сегашниот кревок прекин на огнот би донел олеснување за пазарите, но нема веднаш да ја смири глобалната енергетска криза, која ги зголеми трошоците за гориво, ѓубрива и храна.
Дури и ако војната заврши сега, целосниот проток низ теснецот нема да се врати пред првиот или вториот квартал од 2027 година, изјави минатата недела шефот на Националната нафтена компанија на Абу Даби.
Иранската Револуционерна гарда соопшти дека 33 плавила поминале низ теснецот во изминатите 24 часа по добивањето дозвола од Техеран, што е сè уште далеку под бројката од 140 бродови во вообичаен ден пред војната. Трамп, иако нудеше различни воени цели за време на конфликтот, во повеќе наврати изјави дека САД го нападнале Иран за да го спречат да стекне нуклеарно оружје.
Иран „сепак мора да разбере дека не може да развива или да набавува нуклеарно оружје или бомба“, повтори тој во својата објава во неделата.
Иран веќе долго време негира дека се стреми кон такво оружје и тврди дека има право да збогатува ураниум за цивилни цели, иако чистотата што ја постигна далеку ја надминува онаа потребна за производство на електрична енергија.
„СЀ УШТЕ ИМА ПРАШАЊА ЗА КОИ ТРЕБА ДА СЕ РАЗГОВАРА“, ВЕЛАТ ОД ИРАН
Извори изјавија за Ројтерс дека предложената рамка, кога ќе се појави, ќе се одвива во три фази: формално завршување на војната, решавање на кризата во Ормускиот Теснец и отворање на прозорец од 30 дена за преговори за поширок договор, кој може да биде продолжен.
Трамп, чиј рејтинг беше погоден од влијанието на војната врз цените на енергенсите во САД, во петокот изјави дека нема да присуствува на свадбата на својот син овој викенд, наведувајќи го Иран меѓу причините за останување во Вашингтон.
Тој во саботата разговараше со лидерите на Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Јордан, Египет, Турција и Пакистан, кои го охрабрија Трамп да се согласи со новонастанатата рамка, објави „Аксиос“ (Axios).
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, во саботата изјави дека „трендот оваа недела оди во насока на намалување на споровите, но сè уште има прашања за кои треба да се разговара преку посредници“.
Багаи рече дека прашањето за американската блокада на иранскиот бродски сообраќај е важно, но дека нивен приоритет е завршување на заканата од нови американски напади и паралелниот конфликт во Либан.
Американско-израелското бомбардирање на Иран уби илјадници луѓе во Иран пред да биде прекинато со прекинот на огнот на почетокот на април.
Израел исто така уби уште илјадници луѓе и протера стотици илјадници од нивните домови во Либан, каде што изврши инвазија во потрага по милитацијата Хезболах, која е поддржана од Иран.
Иранските напади врз Израел и соседните земји од Заливот убија десетици луѓе.
