Трамп: Значително ќе се намалат царините за Кина, но нема да бидат нула

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера сигнализираше можност за олеснување на трговската војна со Кина, велејќи дека високите царини за кинеските стоки „значително ќе се намалат, но нема да бидат нула“.

На прес-конференцијата во Белата куќа, Трамп го омекна својот претходен остар тон по неколкунеделните одмазднички мерки кои донесоа царини за кинески стоки до 145%.

„145% е многу високо и нема да остане на тоа ниво“, рече Трамп, одговарајќи на прашања на новинарите во Овалната соба.

„Нема да биде блиску до тоа. Значително ќе се намали. Но, нема да биде нула“.

Изјавите на Трамп уследија по коментарите на министерот за финансии Скот Бесент, кој претходно истиот ден рече дека сегашните царини меѓу САД и Кина практично ја блокираат трговијата меѓу двете земји.

Бесент на конференција за приватни инвестиции организирана од JP Morgan Chase рече дека верува оти трговскиот конфликт со Кина е неодржлив и дека очекува конфликтот наскоро да се деескалира, потврди за CNN извор запознаен со неговите изјави.

Наместо целосна поделба, Бесент им рече на инвеститорите дека целта е да се балансираат трговските односи – оценка што дополнително го поттикна оптимизмот на берзите. Откако неговите изјави излегоа во јавноста, сите три главни американски берзански индекси ги достигнаа највисоките дневни нивоа.