Со финансирање од Европската унија, средното училиште „Моша Пијаде“ во Тетово е претворено во модерно училиште. Иако нуди квалитетни стручни насоки, ова училиште е меѓу помалку избраните од учениците.
„Од денес упатувам повик до сите медиуми и јавноста овој училиштен центар повеќе да не се идентификува како земјоделско средно училиште, туку да се препознае како што е денес – еден од најразвиените државни и регионални центри за стручно образование. Тетово и Полошкиот регион добија регионален центар каде што нашите деца можат да се подготват за пазарот на труд.“, рече Биљал Касами.
„Жителите на Тетово можеби се сеќаваат како изгледаа овие објекти пред неколку години. Денес имаме сеопфатно, целосно модерно училиште каде што ќе се изучуваат различни професии. Покрај формалното образование, овој центар ќе нуди и неформално и информално образование за повозрасната популација. Ова е еден од осумте регионални центри што треба да ги има Македонија. Седум веќе се објавени оваа година, а до крајот на годината ќе биде објавен и осмиот центар во Скопје.“, вели Весна Јаневска.
На свеченото отворање присуствуваше и амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, кој го оцени проектот како успешен пример на соработка меѓу Европската унија и домашните институции.
„Сакам да им честитам на владата и на градоначалникот за работата што ја завршија заедно со нас. Ова е многу добар пример како средствата од ЕУ и јавните средства можат заеднички да функционираат и да трансформираат простор кој пред неколку години беше во урнатини, во модерно техничко училиште. Многу сум задоволен што сум денес тука.“, вели Михалис Рокас.
Во меѓувреме, и покрај инвестициите во инфраструктурата, безбедноста во училиштата останува загрижувачка. И денес неколку средни училишта и Универзитетот во Тетово добија закани за бомби, што го прекина наставниот процес, додека надлежните сè уште не ги идентификувале испраќачите на електронските пораки за лажни бомби.
