До први септември ќе се чека каква ќе биде одлуката на Европската унија за проблемот со транспортерите од регионот, а доколку тоа не биде прифатливо, ќе следуваат протести и блокади на границите. Ова е исходот од денешниот состанок на работната група на претставниците од транспортниот сектор од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Билјана Муратовска од МАКАМ Транс рече дека по завршувањето на протестот, кој се одржа во јануари, добиле ветување од ЕУ дека ќе има дополнување на визната стратегија, но дека до тоа не се придржуваат.
„И тоа е најчудната работа, значи признаваат дека сме професионалци, дека не сме мигранти, не сме криминалци, а понатаму продолжуваат да ни ги сметаат деновите. Ова е дискриминација, затоа што сите документи, коишто се потпишани на билатерална основа со Европската унија, пишува дека треба да има слободно движење на работна сила, слободно двбижење на стока, а ние се соочуваме со застој.“, вели Билјана Муратовска.
Според претставникот на Србија, Неџо Мандиќ, пресметките за престој во земјите од Шенген-зоната не треба да се водат според денови, туку според поминати часови, бидејќи, како што беше истакнато, не може за 5 минути престој да му се пресметува цел ден. Вели дека дел од транспортерите веќе не сакаат да возат и да поминуваат граници, плашејќи се дека ќе бидат депортирани и казнети.
„Бараме свои 90 полни денови и ако Европската унија прифати да нѝ ги брои полни денови, односно изразено низ часови, минути, па и секунди, тогаш проблемот е решен или привремено решен. Кога тоа ќе се пресмета на реално вистинско поминато време, тогаш тоа навистина се работи за период од 65 до 85 денови, а никако дека сме прекршиле, да нѝ се забранува влез, депортации, казни и се друго.“, рече Неџо Мандиќ.
Доколку не се постигне договор со ЕУ и не се изнајде некакво решение од септември, транспортерите од регионот се закануваат на целосна блокада на граничните премини, а можно е протестите да се радикализираат.
„Доколку дојде до протести, претходните протести ги прекинавме со ветување, овој пат доколку бидеме дотерани до ѕид и излеземе на границите нема да се повлечеме до конкретно решение, односно до имплементација на решението. Значи нема да дозволиме повторно да бидеме изиграни“, порача Ѓорѓе Дешњак.
Зијад Шариќ, претставник од Босна и Херцеговина, бара од ЕУ да има разбирање и, ако е потребно, да ги смени прописите.
„Замислете некој да ви брои за 5 минути цел ден, или за 10 минути ви брои цел ден. Кога за тоа Европската комисија би имала разбирање, ние веќе би направиле некаков напредок. Секој закон на Европската унија кој е донесен дали пред 10 – 20 години може да се смени, нормално, ако некој има слух за нас“, вели Зијад Шариќ.
Вчера истече поставениот рок, во кој Европската унија требаше да најде некое преодно решение, но според претставниците на транспортерите, сепак оставаат уште десетина дена, а од 1 септември ќе бараат да се надмине проблемот. Кон регионалните превозници се приклучија и претставници од Албанија и Косово, кои велат дека и нивните превозници ги имаат истите проблеми на граничните премини.
