Идејата за покачувањето на платите е причината поради која работниците остануваат во земјата, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, во Дејли Клик на ТВ21. Додава дека е срамота работниците во државата сè уште да земаат минимална плата, бидејќи не треба да се дозволи работодавачите да ги оштетуваат работниците, а тие работат и по работното време или за празници и им следуваат додатоци, додаде тој. Минимална плата може да земе само некој студент или некој кој се вработува за прв пат и е со средно образование.
Трендафилов рече дека последното покачување на минималната плата беше 7.800 денари, но тоа не е доволно бидејќи има вештачко покачување на цените.
За барањето за зголемување на минималната плата пред март идната година, од Владата велат дека нема пари за покачување на платите бидејќи се наследила празна буџетска каса. СДСМ тврди дека има пари, но власта немала капацитет да се справи со сите барања.
Македонија е позиционирана на дното на скалата на приходи во земјите од регионот. Впрочем, минималната синдикална кошничка за месец јули е 60.570 денари или близу илјада евра и е во постојан раст. Словенија има највисока просечна плата во регионот од 1.501 евро. Повеќе од двојно од просечната плата во Македонија.
Од земјите кои не се дел од ЕУ, се издвојува Црна Гора, чија минимална плата наскоро ќе достигне 600 евра за работниците со основно и средно образование и 800 евра за оние со високо образование. Просечната плата во оваа земја е 838 евра.
