Трендафилов: Пратениците две години ги блокираат платите на работниците, а си ги зголемуваат сопствените

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, утринава остро ги критикуваше пратениците обвинувајќи ги дека веќе две години го блокираат синдикалниот предлог за зголемување на минималната и на сите останати работнички плати за најмалку 600 евра во денарска противвредност.

„Добро утро на сите, освен на пратениците. Тие две години одбиваат да го прифатат предлогот на ССМ за зголемување на платите на работниците и минималната плата“, изјави Трендафилов.

Како што најави, денеска ССМ организира блокада на пристапите кон Собранието на две локации, со по 21 учесник, со цел пратениците да не можат да пристапат до работните места со сопствени возила и да наплаќаат патни трошоци.

„Целта е пратениците да дојдат пеш или со јавен превоз, исто како што секојдневно одат работниците. Да не наплаќаат патни трошоци како да трошат керозин“, порача Трендафилов.

Тој информираше дека, според негови информации, голем дел од пратениците дошле на работа уште во раните утрински часови за да избегнат средба со работниците.

„Се кријат затоа што се срамат од своите гласачи и затоа што одбиваат да ја зголемат работничката плата“, рече претседателот на ССМ.

Во исто време, како што посочи, платите на пратениците се очекува дополнително да растат. Според најавите, тие би се зголемиле не само за 9,2 проценти, туку и за дополнителни 12,6 проценти поради порастот на просечната плата.

„Постои сериозна можност Уставниот суд да ја укине одлуката на Владата, што би значело дека на сегашните примања од 100 до 120 илјади денари, пратениците би добиле уште околу 21 процент покачување“, предупреди Трендафилов.

Тој оцени дека намалувањето на коефициентите за само 9 проценти е симболичен потег со кој, како што рече, пратениците „глумат штедење“, додека во исто време ги игнорираат барањата за достоинствени плати за работниците.

„Тие се подготвени нивните гласачи да тонат во сиромаштија, само за да не ги зголемат платите на работниците. Тоа е срамно и нечовечки“, нагласи Трендафилов.

Од ССМ најавија дека блокадата ќе трае до почетокот на собраниската седница закажана за 11 часот, со порака дека ќе продолжат со притисокот сè додека не се обезбеди достоинствен живот за работниците.