Откако синоќа студентите блокираа раскрсници и мостови во неколку градови во Србија, утрово во Белград е мирна ситуацијата, иако може да се забележи и натаму присуство на полицијата, пишуваат српските медиуми.
Сообраќајот е претежно нормализиран во другите српски градови, каде што граѓаните протестираа синоќа барајќи распишување предвремени парламентарни избори, ослободување на уапсените студенти и отстранување на шаторите од Пионерскиот парк во Белград каде што се собрани таканаречените „студенти кои сакаат да учат“ блиски до владејачката Српска напредна партија на претседателот Александар Вучиќ.
Во понеделник и вчера, студентите ги повикаа опозициските партии да ја бојкотираат работата на Народното собрание, а граѓаните целосно да ја запрат работата во Србија додека не бидат исполнети нивните барања.
Блокади на главните патишта во вторник, како форма на граѓанска непослушност, беа организирани низ цела Србија, а во таа прилика се случија неколку инциденти, кога возачите се обидоа да ги пробијат барикадите со своите автомобили, но сè помина без сериозни последици или повреди.
Покрај неколку локации во Белград, барикади беа поставени и на улиците во Нови Сад, Ниш, Младеновац, Крушевац, Чачак, Суботица, Краљево, Пожаревац, Смедерево, Лајковац, Лазаревац, Лесковац, Параќин, Горњи Милановац, Шабац, Нови Пазар.
Од минатиот викенд и големиот протест на Видовден во саботата, полицијата уапси десетици студенти и граѓани, употребувајќи сила во неколку случаи.
